Skip to content

Вода – Маја Малиновска

„Водата прочистува сè, сè што ќе посакаш“ – рече Естер додека се спремаше да ги измие рацете пред вечерата. Арон ја гледаше како нежно ги мие рацете за да ја прочисти немаштијата која дошла, чукнала на врата и ги прободуваше во срцата и во мислите. Никој не зборуваше за неа, но таа тивко тапкаше во мислите на секој во домот.

Естер ја мачеше секое утро кога немаше што да приготви за децата за појадок. Помислата дека не може да ја нахрани фамилијата ја прекинуваше со овој ритуал кој го обожаваше. Се си мислеше дека Рубен работи како надничар, лишен од богатството на татко му само заради неа. Но, беше чесен човек и тоа ѝ беше најважно.

Водата која ѝ се слизнуваше низ рацете ѝ ги прочистуваше мислите и телото. Некогаш ноќите го поминуваше сама, беше со чисто тело, но водата беше секогаш тука да ѝ ги исчисти грешните мисли.

„Каде ли е Рубен?“ –   ѝ доаѓаа секакви мисли низ главата, знаеше дека петок навечер се случува да отиде до синагогата, да ја рецитира Амида кога само своите усни можеше да ги начуе, да се предаде на Бога, да го благослови за неговата сила и големина и да ги прифати неговите молитви.

Беше ден пред Шабат, кога ќе бидат ослободени од своите секојдневни обврски.  Го чекаше со нетрпение Рубен за да го прослават заедно, да вечераат свечена вечера, да запалат шабатни свеќи и да прочитаат благослов. Трпезата мораше да биде спремна, да го пречека Рубен. Ќе ја запее Шалом Алекем да го благослови Бога и нејзината работа, домашната работа која беше благослов даден од Бога и подарок за нејзините најблиски.

Шабатните свеќи беа спремни и вечерата. Таа беше светлината на животот, жена која носи живот. Како Светлината на свеќите значеше нов живот.

Ева била таа што го изгаснала животот на Адам, на сите нас,  таа сега мора да го запали. Ги принесе свеќите на масата, за да ja осветли, за да ја донесе радостa пред празникот. Колку ли само пати се молеле за среќата, за породот. Тивко се потсети на деновите кога се молеа Бог да ги благослови со дете.

На масата беа убаво ставени чашата вино, свеќите, убаво приготвена пилешка супа и риба. Арон зачудено ја гледаше богатата трпеза. Ретко гледаше толку многу храна на масата и со нетрпение го чекаше татка си да дојде за да вкуси барем едно од јадењата.

Не знаеше дека ангелите доаѓаат секој петок да ги посетат да ги благословат со мир. Мирот кој толку многу им требаше.

„Шабат Шалом!“

„Шабат Шалом! “

Доволен беше само еден поздрав за да го почувствува мирот. Кога беа сите заедно,  тој се ширеше насекаде. Арон толку се израдува на татка си.

„Тато, види што спремила мама, вечерата ќе биде вкусна!“

Рубен ретко зборуваше. Не одговори ништо.  Никој не знаеше каде бил и дали се молел на Бога за мир во куќа, здравје и нова среќа. Се знаеше дека се очекува нешто ново во куќата, посебно Естер. Сакаше одново да ја почувствува улогата на мајка.

Но и таа вечер, постелата остана празна. Естер не можеше да заспие. На празникот кога се слави љубовта, таа остана без топлина. Единствено можеше да се надева дека ќе се разбуди во прегратките на Рубен следното саботно утро…Следниот Шабат!

Напишете коментар