Skip to content

Избор поезија од Октавио Пас

Октавио Пас е мексикански поет, есеист, публицист, теоретичар на поезијата, антологичар, преведувач, основач и уредник на книжевни списанија и дипломат. Тој е добитник на Нобелова награда за литература во 1990 година. Во продолжение го претставуваме изборот поезија од збирката „Катадневниот оган“.

Мадригал

Попрозрачна
од оваа капка вода
меѓу латиците на ѕвончето
мојата мисла протега еден мост
од тебе до тебе

Погледни се
постварна од телото што го населуваш
постојана во средиштето на моето чело

Се роди ти да живееш на еден остров

Пример

Громот во полето оди
небото птиците свои ги крие
Сонцето преклано
под задната светлина своја
камењето се повеќе камен

Шум на несигурните лисја
како слепци што си го бараат патот
По некој миг
ноќта и водата ќе бидат едно тело

Минување

Од воздухот повеќе
од водата повеќе
од усните повеќе
лека лека

Телото твое е трага на твоето тело

Со тебе

Тиркизни молњи
двојки од папагали во лет
Страсти
светот пламти
Едно дрво
зовриено од гаврани
не палејќи се гори
Смирена
среде сончогледи вишни
ти си починка од светлина
Денот е голем и јасен збор
треперење на вокали
Градите твои
зреат под моите очи
Мислата моја
е полесна од воздухот
Јас сум стварен
ги гледам животот мој и смртта моја
Светот е вистински
Гледам
една прозрачност населувам