на Вилхелм Алберт Владимир
Александар Аполинарис де Костровицки (Вистинското име на познатиот француски поет Гијом Аполинер)
Ќе постојат луѓе-ветерници
кои се спротивставуваат на движењето
и стојат мирно сред брановите на асфалтите,
долги, синовидни, како трепките на мојата сакана;
ќе постојат возови со вагони врзани
еден за друг како несреќни куќиња на санки
преку кои луѓето им се потсмеваат на снеговите,
возови-врзани со страсна желба да не патуваат никаде,
секогаш, плочките на улиците од градовите
ќе крадат по едно лице од ѕвездите
за да светат илјадници сонца кога чекориш,
не, не те обожувам, дури ни сакам;
Секогаш
Ќе одиме сè подалеку без никогаш да се поместиме*
Твоето тело секогаш ќе се прекршува
низ призмата на грд дијамант, жено,
што чекориш достоинствено како соломонова робинка,
како хиена, гладна да го проголташ секој облак
и да го повратиш наредното утро над мојот прозорец;
Твоето тело, секогаш, секогаш само твоето тело
ќе ги предизвикува моите налудничави соништа,
трескавични, грозничави како пролетна војна,
моите соништа
дека знам да ти пишувам и дека сум поет;
драга, јас ја разбирам твојата потреба да ме скротиш,
Секогаш ќе постојат неколку врати отворени,
две-три вазни, мали, без цвеќиња, еден телескоп,
осум приврзоци за клучеви,
две жолти, три зелени, едно црвено
(кои само јас знам да ги протолкувам)
и луѓе кои не ми дозволуваат да се доискажам…..
Каде понатаму?
*„Ќе одиме сè подалеку без никогаш да се поместиме“ се стихови од Гијом Аполинер