Химната на правдата што ја пеел Орфеј е дел од митологијата, поточно од митот кога Аргонаутите го посетиле својот учител Кентаур за да се збогуваат со него.
Збогување со Кентаурот
Токму во тоа време кога хероите се разбудиле и ги гледале високите врвови на планината кои ги потсетувале на ученичкиот живот кај мудриот учител Харон. Тогаш Пелеј предложил:
– Пријатели, ајде да слеземе на брегот и да отидеме кај нашиот учигел! Кој знае дали ќе го видиме веќе! Треба да добиеме благослов од него. Освен тоа, сакам да го видам син ми Ахил кого мајка му Тетида му го даде на Хирон уште од малечок за да го воспита како нас. Секој од вас кој има деца може да сфати што чувствувам во овој момент.
Хероите веднаш скокнале на копното и отишле кај Кентаурот. Кога влегле во дворот на пештерата го нашле мудриот Кентаур легнат, а до него Ахил свирел на лира. Кога ги видел своите ученици, Кентаурот веднаш станал, ги прегрнал и ги избакнал. А Ахил истрчал кај татка си, го прегрнал, го бакнал и почнал да си игра со неговото оружје. – Нашето лавче не може да се воздржи, а! – рекол Кентаурот и го погалил Ахил кој се обидувал да го извлече мечот на татка си.
Потоа ги поканил сите да седнат и да ја постават масата. Хероите јаделе месо од млади елени и од диви свињи, се напиле старо миризливо вино, малку по малку се развеселиле и му предложиле на Орфеј да им посвири на лира.
– Се срамам да свирам кога е тука нашиот учител, – одговорил Орфеј. – Тој треба да свири. Верувам дека нема да нè одбие.
– Такви јунаци не одбивам! – рекол Кентаурот. Ја зел лирата од Ахил и почнал да свири и низ пештерата одекнале пријатните звуци на мелодијата. Хероите биле воодушевени од песната на мудриот старец и долго му ракоплескале. Потоа Кентаурот се свретл кон Орфеј:
– Момче, јас веќе остарев. Мојот глас ја изгуби некогашната сила, но ти, јунаку, нема да ме одбиеш да ни ја испееш химната што си ја составил за правдата. Сакам внимателно да ја слушаат сите херои, да ја научат и да им ја предадат на своите деца зашто без правдата не може да има вистинска среќа на светов.
Орфеј ја зел лирата од раката на својот учител, станал и отишол да седне на еден камен. Сите херои нестрпливо очекувале да ја слушнат химната. Орфеј почнал да удира по струните и звуците на лирата ги исполниле срцата на хероите, на Кентаурот и на малечкиот Ахил со неискажлива сладост. Откако посвирел малку, орфеј почнал да ја пее химната на Правдата.
Химната на Правдата
„Правдата е прочуена ќерка на Зевс
и многу уважувана од олимписките богови.
И ако се случи некој да ја навреди
таа пред Зевс, синот на Крон, веднаш се јавува
и му кажува за неправедните дела на смртниците,
за да ги казни народите заради царевите,
што со зла мисла скршнуваат од правиот пат
и кога судат ги нарушуваат законите.
Меѓу себе се јадат само ѕверовите, рибите и
птиците грабливки
и не ја почитуваат Правдата.
Но на луѓето им е дадна бесценетата Правда.
И кога некој ќе се искаже праведно пред судот,
Зевс, кој гледа сè, го наградува со богатство.
Но на лажливецот и на лажниот сведок
им праќа безмилосни несреќи и родот им го гаси,
а родот на праведниот цути и се слави!“
Звучниот глас на Орфеј се пренесувал над бездните и над високиот вршен на дрвјата, над целата шумовита долина. Дрвјата ги наведнувале своите стројни врвови, а длабоките долини ја повторувале неговата песна. Дивите ѕверови зашеметени од нежната песна, тивко се приближувале до местото каде што седел Орфеј. Пред пештерата се собрале разни птици што долетале од своите гнезда за да ја слушнат божествената песна. Стариот Кентаур удрил со копитата по земјата и плескал со рацете по ритамот на мелодијата. А кога Орфеј ја завршил песната, станал, го прегрнал и го бакнал:
– „Ме воодушеви, момче мое, верувај ми! – му рекол тој на Орфеј. – Аполон и мајка ти Калиопа те надариле со најубавото нешто на светот – музиката. Ти пожелувам Зевс да ти ги даде сите блага!
– Благодарам, учителу мој! – одговорил Орфеј. – Откако ја загубив Евридика за мене веќе не постои среќа на светов.
– Најголемата среќа за човекот – продолжил мудриот Кентаур – е да ги прави другите луѓе среќни, да им ги олеснува страдањата и да ги тера да ги забораваат своите таги, како што правиш ти со твојата песна.
Прочитајте го и митот за Орфеј и Евридика.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.