Почина поетот и академик Радован Павловски

На 84 години, вчера замина македонскиот поет, есеист, патописец и публицист, Радован Павловски, наречен и „принц на метафорите“. Веста ја соопшти Македонската академија за науки и уметност, каде Павловски членувал од 2006 година. Радован Павловски е роден на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговото семејство во 1940 година се враќа во Железна Река, од каде што потекнува, во подрачјето помеѓу Гостивар, Кичево и Поречје во западниот дел на Македонија каде што го поминува своето детство. Основното образование го завршува во Железна Река, а средното во Гостивар. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ.

Живот и поезија

Својот живот го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении. Во 1952 година во списанието „Народно здравје“ за прв пат се печати неговата кратка песна „Загонетка“, а веќе од летото 1955 година се определува за светот на поезијата создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“. Покрај пишувањето поезија твори и во другите уметности, цртајќи цртежи, карикатури и скулптури. Својот работен век го започнува во декември 1956 година кога се вработува како преводач-новинар во Радио Скопје (Танјуг), а потоа од 1959 година и во „Нова Македонија“. Од 1964 до 1982 година живее и твори во Загреб, Хрватска, а од 1982 до 1985 година во Белград, Србија. Во Република Македонија се враќа во 1985 година.

За неговиот творечки пат и поетиката во единство со животот и творештвото во декември 1960 година остварува патување во земјите на источен Медитеран: Кипар (Фамагуста), Сирија (Латакија), Либан (Бејрут), Египет (Александрија и Каиро), потоа во 1981 година е на тримесечен студиски престој во Париз и потоа во Прага од 27 јули до 27 август 1979 го изучува чешкиот јазик, литература и култура на семинарот Летна школа на Карловиот универзитет како стипендист на Чешката влада и Сојузот на чехословачките писатели.

Творештво и активности

Големо значење за неговото творечко искуство имаат и следните посети: во 1973 година со југословенската книжевна делегација остварува петнаесетдневна посета на тогашниот СССР посетувајќи поетски средби во Москва, Ташкент, Самарканд, Волгоград, Ленинград (Санкт Петербург) и учеството на Деновите на македонската култура во Англија во 1979 година каде настапува на поетски средби во „Риверсајд студио“ во Лондон, Оксфорд, Брадфорд, гратчето Хеј он Веј во Велс и на север во Норич, при што тој пишува и патепис.

Павловски е автор е на книгите „Суша, свадба и селидби“ (поезија, 1961), „Корабија“ (поезија, 1964), „Високо пладне“ (поезија, 1966), „Боемија на Природата“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (поезија, 1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (поезија, 1972), „Пир“ (поезија, 1973), „Зрна“ (поезија, 1975), „Молњи“ (поезија, 1978), „Стражи“ (поезија, 1980), „Чума“ (поезија, 1984), „Отклучување на патиштата“ (патопис, 1986), „Клучеви“ (поезија, 1986), „Марена“ (поезија, 1986), „Избрани дела во три тома“ (1986). Потоа „Темелник“ (поезија, 1988), „Зрна“, „Молњи и Клучеви“ (трилогија, 1989), „Бог на утрото“ (поезија, 1991), „Што може поезијата“ (есеи, 1993), „Вселенски деца“ (поезија за деца, 1993), „Демократска џунгла“ (политички есеи, 1994), „Јавач на звукот“ (поезија, 1995), „Порака на поетот до сите поети на светот – Струшки вечери на поезијата“ (1995), „Синот на Сонцето“ (поезија, 1999), „На едно око“ (поезија, 2002), „Се случува вечност“ (поезија, 2014).

Исто така, тој е автор на манифестите „Епското на гласање“ (соавтор, 1960) и „Манифест на Поетска Република Железна Река“ (1990). За своето творештво, Павловски е добитник на домашните награди „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Повелба на печалбарите“, „Гоцева повелба“, „Ацо Шопов“.

Награди и признанија

Тој е добитник на странските награди „Младост“, „Златна струна“, „24 Дисова пролет“, „Ристо Ратковиќ“, стихозбирката „Зрна“ е прогласена за најдобра книга од Југословенската радио телевизија (ЈРТ, 1975), ракописот „Пир“ е награден за неговите високи уметнички вредности (Хрватска, 1972).

Добитник е на светското признание за животно дело АБН-САД (1998), во Тринаесеттата едиција на меѓународното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ (1999) на Меѓународниот биографски центар (Кембриџ, Англија) се објавени неговата биографија и библиографија.

Посебни поетски книги му се објавени на повеќе јазици англиски (две), француски, шведски, руски, чешки, романски, турски (три), српски (десет), словенечки и албански јазик. Неговата поезија е застапена во голем број антологии на македонската поезија.

Извор:  Радио МОФ

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели