Тамара Волческа, новото лице на македонската музичка сцена: „Ако не сега, кога?“

Тамара Волческа на 20.02.2022 година ја промовираше својата прва авторска песна чиј ко – композитор  е Весна Малинова,  аранжманот е на Јордан Манов, а во улога на режисер се наоѓа Александар Нешкоски. Песната е исклучително емотивна, испеана скоро си на некоја раскрсница помеѓу тага, љубов, навраќање во минатото и превртување на она вечно прашање: Што би било кога би било? Спотот е една друга приказна. Фигурира како епилог на песната, ко да сака да каже: Еве преживеав и тука сум да раскажам.

Спотот е уште поемотивен ако го согледаме фактот дека танчерката во спотот, онаа која можеби отсликува еден скриен дел на интерпретаторот, е токму помалата сестра на Волческа, Теодора Волческа. Подетално за песната, спотот, инспирацијата и тоа како е да се биде во АРМ поразговаравме токму со дваесет и четири годишната Тамара. Уживајте.

 Пред да започнеме со главното, одиме со најбитното прашање: Како си?

– Убаво прашање, нека го има почесто, хаха. Не сум била подобро, ме држат сите впечатоци и емоции.

Што е тоа што го тера човек да седне и да напише една ваква песна?

– Чувствата, она што се таложи во него во текот на неговото секојдневие и неговите животни искуства, ситуации и предизвици. Тоа беше, и е мојата патека на творење.

Дали се сеќаваш на онаа прва реченица од која започна создавањето на „Do you remember?” и ако да, која беше таа?

– Токму насловот беше првата реченица. Така почна сѐ, целата прва строфа е неизменета од истиот момент и истиот ракопис на пишување.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by VOLCESKA Tamara (@volce.ska)

Спотот е некаков си епилог на песната, може ли да ни го објасниш накратко креативниот процес зад неговото создавање?

– Јас го имав пред очи. Сакав да биде убава приказна со длабока порака. Тешко е да се опише целосната слика на моментите што ги имаш само ти во глава, но за моја среќа, работев со човек и луѓе кои имаат широка свест и чувство за уметност па точно се разбравме што сакаме и што бараме едни од други.  Александар Нешкоски  беше креаторот и режисерот, посветен, принципиелен, со испланирани и напишани детали за секоја минута од песната, така да колку и да бевме возбудени, знаевме точно што правиме. И крајниот резултат беше дури и подобар од очекуваното. Јавноста го прими и го почувствува и за тоа сме најсреќни сите кои бевме дел од спотот.

Како е полесно: Да се напише прво текст, а потоа да се состави мелодијата или при постоечка мелодија да се осмисли текстот?

– Јас тоа го правам паралелно. Се водам по слух, интуиција и најчесто започнувам со некоја главна мисла што ми висела над глава и ја продолжувам уз пеење во приказна. Лудо е, но на крајот кога ќе го склопиш целото творештво задоволството е огромно. Не само заради тоа што е твое, туку заради олеснувањето што го чувствуваш кога ќе се “истуриш” на хартија.

Каков тип музика сакаш да слушаш во слободно време? И дали постои музички жанр што го преферираш помалку?

– Ја живеам својата слобода и слободата на луѓето околу мене. Знам да направам шоу во друштво почнувајќи од класика, па до современа музика и на крај да завршиме со раце кренати во кафана и да бидеме главни гости и да грабаме микрофони за Цеца. Така да, нема граници, најважно е со кого се забавуваме  и да ни биде убаво. Но, инспирацијата ја црпам од креативни, оригинални артисти, воглавно поп и поп рок. Сакам кога нешто двои и се дели од секојдневното клише.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by VOLCESKA Tamara (@volce.ska)

Уметниците мора да се инспирираат, а некогаш дури и друг уметник може да им послужи како инспирација кој/што тебе лично ти е најголема инспирација во животот?

– Како што кажав, кога говориме за музичкиот дел тоа се тие уметници со посебен печат за себе и својата музика. Во секојдневниот живот ме инспирира најчесто љубовта. Од таму почнува и завршува сѐ, без разлика дали се мои случувања или случувања на луѓето со кои најчесто го делам воздухот што го дишам.

Кога веќе разговараме со тебе не може а да не споменеме дека си дел од АРМ, професија која до денешен ден во општествата се смета за „машка”. Што беше одлучувачко да се одлучиш да го работиш тоа и какво е чувството да се биде дел од АРМ како женско во таканаречена „машка професија?”

– И тоа се случи спонтано во мојот живот и неочекувано. Имав желба која беше доста силна поради моја лична потреба да помагам на луѓето и да дадам дел од себе преку професија која не само што бара посветеност туку е и начин на живот. Армијата се сака и само така човек може да го работи тоа. Мојата борбеност и упорна движечка природа ме однесе токму таму и чувството мора да се осети за да се долови. Униформата е нешто свето и е одлик не само на професионалноста туку и на војникот како личност. Се вклопив во целото тоа како жена, и тоа ми помогна да разберам дека во тоа не постои поделба на луѓето според полот, туку едноставно или имаш љубов за тоа или немаш. Подеднакво залагање и грабање на сите обуки и амбиции за колективно подобрување. Тим!

Со кои предизвици најчесто се соочуваш на работното место, што ти беше најтешко да совладаш?

– Сѐ си носи своја тежина и своја одговорност. Мислам дека првите чекори можам да ги издвојам како најтешки бидејќи сѐ уште немаш точна слика за она во што влегуваш. Имавме тримесечна обука во пикот на Ковид, нова средина, нови луѓе, нови искуства секојдневни, без заминување дома за викенд, без посета од блиските. Од цивилство во униформа. Но сега сум благодарна за тоа, научив многу, се сменив како човек, станав поцврста и го вреднувам секој момент што го живеам. Истото и го пренесувам на луѓето околу мене.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by VOLCESKA Tamara (@volce.ska)

За крај, што би им порачала на читателите на Крајбрежје и на оние кои допрва влегуваат во музичките води?

– Сѐ што им кажуваме на другите како наводни причини за тоа “зошто не си ги остваруваме соништата и не се бориме за нив!?” – се всушност само изговори пред сами себе. Живееме денеска, утре е неизвесно, ако не сега, кога? Отворете ги очите, слушнете го срцето, дадете го она што СТЕ, како такви сте најдобри и само како такви ќе испловите.

Послушајте ја „Do you remember“ подолу:

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели