Извадок од поемата „Вилазорија“ од Димитар Вилазорски

Извадок од поемата „Вилазорија“ од Димитар Вилазорски

7

Плачот на просјачки стап залепен
како пламен од кандило бавно згаснува
и по којзнае кој пат
по поплава од вардарски води во крвта
кога градскиот саат и малото дрвено мовче
во иста се насликуваат слика
на сиот глас викам:

Леле ако еднаш како сведок на сто зими
во Вилазорија тој предел вардарски се вратам
ќе постелам зелен за росата исткаен килим
кулите песочни урнати од сто осеки и плими
со старечки раце
повторно крај река ќе ги градам

Леле ако еднаш како сведок на сто зими
во Вилазорија тој предел вардарски се вратам
на највисокото дрво ќе се качам
песната своја последна
со очи детски ќе ја плачам, ќе ја плачам

Поемата не е објавена, ниту како книга, ниту целосно во некое списание. Васил Тоциновски (македонски писател, есеист, критичар, книжевен историчар и преведувач) за неа има напишано рецензија (уште во ракопис). Рецензијата е застапена во неговата книга со рецензии коишто до сега ги пишувал.

Извадок во неколку делови од рецензијата што ја напишал Васил Тоциновски

„Традицијата на древниот Велес и на неговите луѓе е трајно меморирана во илјадници стихови што за нив ги завештале безимениот народен гениј и поетите. Немерливата љубов и вечниот спомен за родниот град величествено се воспеани во поемата Вилазорија од Димитар И. Вилазорски. Животните и творечки врвици на авторот се трајно врзани за родната грутка. Во штуриот период на театарскиот (не)живот и возобнувањето на Велешкиот театар кој го носи името на неговиот бележит сограѓанин Јордан Хаџи Константинов-Џинот, тој е автор и режисер на првата претстава „Заробеници на снегот“. Сподвижник е и три години бил претседател на Клубот на младите писатели насловен со името на бесмртниот темелник Кочо Рацин. Во средношколските денови активно е присутен во македонската книжевна периодика и тогаш децидно е именуван како најдаровит автор во неговата генерација“.

„И еве пред нас е неговото книжевно остварување, поемата Вилазорија како враќање кон првата љубов и потврда оти никогаш не се кажува не во исцртувањето/претскажувањето на патиштата во творечката лабораторија. Современата поема Вилазорија е запишана во девет пеења. Таа е своевидна историја на градот кој безмерно се љуби од една и на авторовата егзистенција во него од друга страна. Тие се едно неделиво/нераскинливо тело и една единствена возвишена љубов. Животот како своевидно и само навидум бескрајно патување го доведува добронамерниот патник во градот кој што е симбол на македонската традиција и континуитет, идентитет и непокор. Да се сака тоа поздразбира оти треба да се биде честит. Така и поетот не воведува во својата приказна. Ако некогаш наминеш во Вилазорија / прашај ги за мене децата / што си играат на улица / и немој да се зачудиш ако ти речат / дека никогаш не слушнале / за моето постоење“.

„Пејзажите со нивните предзнаци како што се градскиот саат и дрвеното мовче се чудесни слики за времињата, настаните и личностите кои некогаш биле живот (седма песна). Биле нештата и поминале, но ништо не треба да биде заборавено.  Поетските пораки прераснуваат во лелек. Леле ако еднаш како сведок на сто зими / во Вилазорија тој предел вардарски се вратам / на највисокото дрво ќе се качам / песната своја последна / со очи детски ќе ја плачам, ќе ја плачам… Делбите, разделбите и преселбите се отворени рани за кои нема мелем“. Димитар И. Вилазорски како човек и автор е неуморен воин за чест и достоинство, за почит и љубов, да се биде свој на своето, за хармонија на мислата и за смисла во човековата акција со вистински вредносни критериуми. Тие негови одлики како афористичар извонредно добро се поетски демонстрирани“.

Васил Тоциновски ќе ја заврши својата рецензија со следниве зборови: „Авторскиот збор со неговата автентичност претставува убоито оружје за современите поразии. До последен здив мора да се биде свој. Вилазорски со децении преку своите дела во театарската уметност, поезијата и прозата, хуморот и сатирата се залага за граѓанство на вистински и трајни етички и естетски мери по кои се помни човекот. Како да се стигне до нив и да се дејствува! Ако се открие безмерната љубов на поетот што фанатично ги исполнува редовите и белините во поемата Вилазорија, тогаш го имате одговорот за сите речени како и за оние премолчани дилеми и стравови“.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели