Митот за Аталанта која била изгледана од планинската мечка е грчки мит, што го споделуваме во продолжение. Овде може да го прочитате митот за Хипомен и Аталанта.
Во еден сончев крај на Грција што се викал Аркадија, некогаш живееле еден крал и една кралица, кои немале деца. Тие многу сакале да имаат дете, за да стане еден ден крал на Аркадија. Кога виделе дека годините минуваат, тие го замолиле големиот Зевс да им помогне. И нависти на, по извесно време им се родило дете, но тоа било девојче. Кралот им се налутил на сите, па дури и на самиот Зевс. За што ќе ми биде потребно едно девојче? – велел тој. – Тоа ништо друго не умее да прави освен да пее, да преде и да троши пари. А детето да беше машко, тоа ќе можеше да научи многу работи: да јазди коњ, да оди на лов и во војна. И најпосле ќе можеше да стане крал на Аркадија. Но девојка може ли воопшто да стане крал!
Девојчето завршило на планина
Кралот повикал еден од своите слуги и му заповедал да го земе девојчето, да го однесе во една многу карпеста и шуместа планина и да го остави таму, за да го изедат волците кои живееле во тамошните пештери. „Тоа е најлесниот начин – си помислил тој – да се ослободам од тоа некорисно суштество“. Слугата го однел девојчето во планината и го ставил врз густата трева под сенката на една голема карпа. Детето ги протегало своите рачиња и му се насмевнувало, но слугата го оставил и си отишол, бидејќи не смеел да ја напушти заповедта на кралот.
Бебето лежело на тревата една ноќ и еден ден. За тоа време тоа плачело и си ја барало својата мајка, но пронижувачкиот плач му го слушале само птиците кои скокале од гранка на гранка. Најпосле толку многу ослабело од глад, што одвај имало сили да плаче и да го мрда своето малечко главче. Ако некој не се погрижел за него, тоа не ќе можело да издржи повеќе. Вториот ден, малку пред излегувањето на сонцето, една мечка излегла од својата пештера и тргнала по надолнината. Таа ги барала своите мечиња што ѝ ги украле некои ловци, додека неа ја немало во легловиштето.
Планинската мечка го одгледува беспомошното бебе
Кога го чула плачот на малечкото девојче, мечеката помислила дека е тоа некое од нејзините меченца, па се приближила, го видела детето и почнала жално да го надушкува. Но дали било можно малечкото меченце да и се преобрази во убаво девојченце со бели раченца и со златно синџирче на вратчето? Мечката не можела да го разбере тоа. Девојчето ја гледало со своите црни очиња, а таа почнала да го лиже по лицето со својот топол јазик, ржејќи тивко и тажно. Потоа легнала до него на земјата, како што правела со своите малечки меченца.
Девојчето било многу малечко и затоа не се исплашило. Тоа се мушнало под мевот на мечката, откако почувствувало дека крај себе има пријател и веднаш заспало. Мечката го чувала до утрината, а потоа станала и тргнала во планината по храна. Вечерта, пред да се смрачи, таа пак дошла. Го дигнала бебето и го однела во своето скривалиште под една огромна карпа која била покриена со бршлени и со планиниски цвеќиња. Оттогаш мечката го хранела девојчето и си играла со него. Сите мечки во планината научиле дека било најдено едно кутро девојче и дошле да го видат, но ниедна од нив не се обидувала да го гибне.
Девојчето бргу пораснало и станало здраво и силно момиче, кое веќе можело само да трча меѓу дрвјата, карпите и капиновите грмушки, дури до врвот на планината. Но неговата мајка – мечката не му дозволувала да се оддалечува од скривалиштето под карпата со бршлените и планинските цвеќиња. Еден ден во планината дошле ловци. Еден од нив случајно го поткренал малку бршленот, што го закривувал отворот на пештерата, и вчудоневиден го забележал девојчето што седело наземи и си играло со цвеќињата. Кога го забележало ловецот, девојчето скокнало и почнало да бега како исплашено еленче. Ловците се втурнале по него да го стигнат. Иако девојчето скокало и трчало со голема брзина, тие успеале најпосле да го фатат. На ловците, првпат им се сторило дека фаќаат некој дивеч, па затоа биле толку задоволни што тој ден не ловеле повеќе.
Аталанта била пронајдена и спасена од ловците коишто ја научиле да лови
Девојчето со сите сили се борело да им побегне, но не успеало. Ловците го зеле со нив, на другата страна од шумата. Во почетокот девојчето непрестајно плачело, викало и ја барало мечката која толку време му била мајка. Инаку, ловците го потфатиле со добро, го милувале, му давале многу убави работи и по извесно време, новото живеалиште почнало да му се бендисува на девојчето. Ловците го нарекле Аталанта. Кога пораснало, тие му дале лак со стрели и го научиле да стрела. Му дале и едно лесно копје и му покажале како треба да го држи и како да го фрла. Го земале со нив кога оделе на лов. За Аталанта не постоело ништо поубаво отколку да оди низ шумата и да лови елени и други диви животни.
Аталанта била толку брзонога, што можела да трча побрзо од сите. Рацете ѝ биле толку силни, а очите ѝ гледале толку добро, што копјето и стрелата секогаш ја погодувале целта. Кога пораснала, Аталанта станала многу висока и убава. Во Аркадија сите признавале дека таа е мошне добар ловец. Кога ја гледале толку силна и висока како ги обиколува без страв шумите на Аркадија, како оди на лов по елени и диви свињи, сите ја сметале за божица на ловот и сестра на Артемида и на Аполон. Сите со почит ѝ правеле пат и никој не смеел да се приближи до неа, како што никој никогаш не ѝ се приближил на Артемида, кога слегувала од Олимп за да оди на лов.
Кога дознавала дека некаде се појавил некаков опасен ѕвер, кого другите ловци не можат да го убијат, Аталанта одела на тоа место, го убивала и ги избавувала луѓето од несреќата. Затоа во Аркадија сите ја почитувале и ја сакале, иако била девојка. Но, за жал, нејзиниот суров татко не бил веќе жив, за да ја види и да се покае за тоа дека некогаш заповедал да ја однесат во планината и да им ја предадат на дивите ѕверови.
Можеби ќе сакате да го прочитате и митот за Прометеј којшто им го дал огнот на луѓето.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.