Жолта куќа сред поле – Влада Урошевиќ

Среде поле жолта куќа,
жолта куќа среде поле.
Си изнашле боја в дуќан,
од морето — песок солен.

Куќа стои, ветрот оди,
ветрот оди, куќа стои.
Низ тревата куќа броди,
ветрот тревата ја двои.

Измама е, велат сите,
нема таква куќа тука.
Патот врви, врват дните,
клукајдрвец в дрво чука.

Коњ околу куќа шета,
пчели брмчат, бумбар со нив.
Пред вратата бозот цвета,
листот наесен се рони.

Квечерина кога паѓа
низ куќата риба шета,
куќата е тогаш лаѓа,
в оџак има морски ветар.

Птиците на југ се селат,
бувовите в шума дремат.
Измама е, сите велат,
таква куќа тука нема.

Видикот се ниша болен,
облаци ја лижат солта.
Жолта куќа среде поле,
среде поле куќа жолта.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели