Чекај ме, каде што сонцето најсилно сјае,
чекај ме веднаш до бистрото езеро
до најтемниот камен на бистрата река
чекај ме, каде што нашата љубов најдолго трае.
Чекај ме,
на старата клупа во паркот,
чекај ме,
ќе се смееме како во минатото
ти ќе ми раскажуваш бајки
а јас само ќе се насмевнам,
за момент сè ќе заборавам.
Чекај ме
во срцето на градот
во длабочината на мракот,
во најтешкиот поглед на темните очи
во срцето кое засекогаш ќе молчи.
Чекај ме,
само тежината да помине,
само болката да се искорени
само да се избришат лошите спомени,
чекај ме,
а јас сигурно ќе навратам
само на момент да те погледнам,
без да те допрам и почувствувам,
без ниту еднаш да те помилувам.
Чекај ме..