Пушти ги нека зборуваат
Црвенилото од лицето да им излези
Гневот од очите да им испари
Лутина од образите да им падни
Себичноста од дланките да им замини
Пушти ги
Нека кажат
Нека те лажат
Знаеш дека те озборуваат
Тебе не, тоа за нив зборува
За тебе не, тоа за нив покажува
Ама со тебе маката им олеснува
Тоа товарот не им го симнува
Само од едната на другата плеќа го преместува!
Пушти ги
Нека зборуваат
Нека се доближат
Еве нека се приближат
До прагот на уникатноста твоја
До сенката од убавината твоја
И тука сè ќе истоварат
И нивното и туѓото ќе го продадат
Зашто не знаат во нивното да живеат
А по туѓото копнеат!
Пушти ги
И гледај
Она што пред тебе ќе го остават
Да не го земаш
И мисли сопствени да не оставаш
Отпадот нивни со задоволството твое да го мешаш!
Ниту пак гранче вистина, од таму да не бараш!
Таму освен суета ништо друго немаш!
Туку гледај
Со насмевка да ги испратиш
И во сиромаштијата нивна, цветови надеж да им оставиш!
Со зборови на мед да ги поздравиш
И горчината да им ја разблажиш!
До животот да ги доближиш
Зашто
Свој немаат
Кон туѓиот со камења фрлаат
А за срцето свое дом бараат!
Пушти ги
Пред адресата на љубезноста остави ги!