Skip to content

Извадоци од стихозбирката „Подметнати неба“ од поетeсата Христина Деолска

„Подметнати неба“ е стихозбирка од македонската поетеса Христина Деолска. Книгата беше промовирана во 2020 година и содржи 68 песни со љубовна, социјална и урбана тематика. Рецензенти се: Витомир Долински, Македонија и Слободан Р.Мартиновиќ, Србија. Збирката е објавена од издавачката куќа Орион, а кориците за делото ги изработи самиот автор, која е дипломиран архитект и една од ретките која слика во стара техника Енкаустика. Освен делото „Подметнати неба“, Христина Деолска досега ја има издадено и стихозбирката „Помеѓу сонот и јавето“. Прочитајте ги стиховите од стихозбирката „Подметнати неба“

***

Во оваа пустелија од шупли зборови,
реките истекуваат без да ни ја згаснат жедта
дури ветрот го краде ехото.

Сѐ уште се обидувам
да му дадам име на зборот
заплеткан во својата несовршеност.

***

Слободата расте во доброволно ропство
дури ја праќам сенката во извидница
пред да излезам од себе.

Зад стаклениот параван
самозадоволството достигнува кулминација.

***

Прогонета,
бегаш,
носејќи ја последната утеха
со себе.
Останува градот да плаче
и да те бара во секоја сенка
по пустите паркови.

Полека исчезнуваш
од свилените сонови.

***

Твојата отсутност
ја носам како наметка
трепери кожата низ мислите,
намовната од посакуваниот допир
ни се бакнуваат соништата
во постелата изморена од очекувања

го стегам твојот поглед помеѓу трепките
да ме чува од несоница.

***

Кога радоста доаѓа,
плашливо криејќи го лицето од сомнежот
тиците го наоѓаат небото растркалано над врвовите,
крилата им се меки
а летот слободен за брканица со сонцето.

Трепери воздухот од насмеани очи.

***

Не претурај по мислите
барајќи го крајот на свилениот конец

пајажината е цврсто сплетена
околу отчукувањата на времето

низ здивот на една пролет
летнаа последните пеперутки
низ полето на тишината

чекори патот покрај сенките,
пред наклонот од вејките
ветрот е само една избезумена мисла.

***

Колку денови оплодивме
под сенката на животот
дури насмевки го растегнуваат
просторот на универзумот,
туркајќи го злото.

Во мене, тишината се радува.

Напишете коментар