Skip to content

Масло на платно – Софија Величковска

  • by

Не знам, нечија песна денес
на плоча одекнуваше,
и знаеш немирот полека полека ми омекнуваше.
И не бев таа што за љубов моли,
ниту онаа која солзи ќе соли,
а не бев ни повредениот лав
кој за живот ќе се бори,
бев здрава.
Масло на платно,
ха.. како совеста да ја цртав врз него,
и сè нешто ми велеше не го завршувај
цртежот на немоќта,
а јас толку внимателно и чудотворно
ги цртав стрелите на нашиот..
не знам, ни тоа не знам,
можеби веќе крај.
Ние поетите всушност ништо не знаеме,
или можеби знаеме,
чувствуваме?
Бегаме од зборот,
но се доближуваме до песна…
Но еве, знам дека прекрасната самовила
што сакаше да го отруе мојот ум
е наречена ,,Бегај подалеку од љубов”.
Не ја послушав,
тргнав по трнливиот пат
кој е вкусен, но премногу долг.
Се молам да не згасне желбата да го изодам.
Оти на половина пат, крајот не е крај,
тогаш крајот е предавство,
а предавството штотуку го расипав
како масло на ова црно платно,
знам дека неговата лизгава страна
ќе ме турне онаму каде,
каде што заслужувам.

Напишете коментар