Стихозбирката „Куќа од хартија” од писателката Гордана Каракашевска, во издание на „ПНВ Публикации“ неодамна излезе од печат. Таа е нејзина втора книга со поезија.
За содржината, рецензентот Вања Таневски, ќе рече: „Во пресметките меѓу поетот и поезијата, хартијата е бојното поле, а зборот е главното оружје. Зборот е оној што трпи сѐ, што раскажува за судбината на ветрот и ја опишува неговата сила со која удира по брегот, но и оној што го опишува неговото скротување. Зборот е сведок на судбината за судбината на цвеќињата, истите оние што ги плетеме во венецот на нашите коси, но и тие завршуваат на нашите гробни споменици над главите кога го напуштаме овој свет. А потем, зборот ја знае и ја трпи секој болка како да е негова, нашите најочајни мисли и најскриени насмевки. Тој знае сѐ, само сопствената судбина не, тој е камшик и мевлем за нашиот грб и нашата душа“.
Каракашевска под псевдонимот Ана Каракаш ги има објавено следниве книги: книга раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други, ситни зрнца“ (2021), стихозбирката „Скршен поет и други поеми“ (2021) и романот „Разголување во годината на козата“ (2021). „Куќа од хартија“ (2022) е нејзина четврта книга.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.