Час по пеење – Рен Пауел

Рен Пауел е поетеса, преведувачка, драматург, театарски продуцент и уметник ментор. Родена е во Калифорнија, а населена на западниот брег на Норвешка. Рен е член на Здружението на норвешките автори и има објавено шест збирки поезија и повеќе од дваесетина книги преводи, преку класични издавачки куќи. Нејзината шеста стихозбирка, The Elephants Have Been Singing All Along, е објавена во 2017 година. Нејзините песни се преведени и објавени на шест јазици.

Час по пеење

Излегува со нејзиното ранче,
ручек и една книга –
роденденски поклон,
со силуети на
триесет и пет песнопојни птици
и триесет и две крајбрежни птици,
меѓу кои и големиот корморан.

Но, слушајќи го појот на птиците,
таа заборава на книгата и на роденденот –
и се сеќава на учителот по пеење
и неговата теорија дека
повеќето од луѓето не знаат да пеат
затоа што ги учеле
да не се дерат.

Но, сред главната тетива на дијафрагмата,
ситна нишка почна да се одмотува –
сега е бела,
како измаглината ова утро
над морето и гората.
Но ќе ја пробијат зелените ластари
мембраната на пристојноста.

Препев од англиски јазик: Милан Дамјановски

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели