Skip to content

Делнично будење на градот -Гане Тодоровски

Наутро, катаутро, вријавец, по улиците,
се запоточува река од луѓе,

отспани, недоспани, зловолни, шеговити,
гладни, појадени, намирисани, небричени,
добродушни, немиени, потстрижани, болни,
куци, мамурни, брзоплети, тажни,
кашличави, песнопојци, доодени,
Па,
исчезнуваат како во тло песокливо
бргу-бргу некаде помеѓу 6-те и 8-те часот.

Почнува делникот еднолично и ненаметливо
како најпозната но сепак пријатна мелодија!

Секој кон своето:

Пожарникари, милиционери, гинеколози,
свештеници, семкаџии, келнери,
улични метачи, народни пратеници, студенти,
инкасанти, столари, продавачи, ѕидари,
софисти, спортисти, адвентисти,
мизантропи, крадци, писатели,
медиокритети, нарциси, хипокрити,
филистри, дрдорковци, шмеќари,
доброволни дарители на крв и латентни убијци,
есеисти, голмани, композитори,
неротки, сифилисти, филателисти,
конјуктуристи, кондуктери, проститутки,
судии, дреари, прекупачии, еквилибристи, директори,
вратари, телефонисти,
секој ден тие па тие,
секој ден тие па тие,
– едни та исти,
едни та исти!

Напишете коментар