Кон книгата поезија „Куќа од хартија“

Скопје, 19 април 2022 година

Почнувам да ја пишувам оваа кратка содржина на мојата втора стихозбирка „Куќа од хартија“ што излезе од печат пред десетина дена во издание на ПНВ Публикации, но јас, не знаејќи да пишувам кратки содржини и не можејќи да раскажувам поезија, се фаќам себе како го пишувам овој есеј, водејќи се од мислата да дадам ад хок анализа на мојот конкретен резултат – книгата „Куќа од хартија“, обидувајќи се да навлезам во нејзината трага и секако, најнакрај, да ја пренесам нејзината силна порака а тоа е, дека поетот е вечен светилник во светот. Метафората за поетот како светилник, кој и во нај-темните ноќи им го осветлува и покажува вистинскиот пат на бродовите носени од силни ветришта затечени од невреме, никако не е случајна, туку напротив, е вистинита.

Во оваа пригода, само по перцептивен пат, субјективно, ќе се обидувам да допрам барем до дел од оние сегменти кои се однесуваат на автобиографскиот елемент во рамки на една моја размисла и анализа. Во таа смисла, ќе тргнам од знаменитите луѓе кои ја изградија мојата куќа, поетите од кои учев и заради кои мојата поезија е таква каква што е денес, луѓе кои многукратно и на свој начин ја задолжиле нашата култура, но и пошироко, а тоа се: Блаже Конески, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Светлана Христова Јоциќ, Ацо Шопов, Лилјана Дир-јан, па понатака Емили Дикинсон, Силвија Плат и многу други.

Поезијата, а пред сè конфесионалната поезија, толку блиска на жените, поетесите и од друга страна симболизмот во поезијата, толку близок на мажите, поетите, отсеко-гаш била еден од доминантните начини на мое изразување или самоизразување во уметноста, како непресушна инспирација, како форма, како концепт и уметничка мистика затоа што моето уметничко око гледа на песните како на уметничко дело, слика насликана од зборови а зборовите секојпат се силни, имаат моќ да создадат, да изградат, но и да уништат, да стават крај.

Поетот Вања Таневски во поговорот на „Куќа од хартија“ ќе нагласи: „Во пресметките меѓу поетот и поезијата, хартијата е бојно поле, а зборот е главно оружје. Зборот е оној што трпи сè, што раскажува за судбината на ветрот и ја опишува неговата сила со која удира по брегот, но и оној што го опишува неговото скротување.  Зборот е сведок на судбината за судбината на цвеќињата, истите оние што ги плетеме во венецот на нашите коси, но и тие завршуваат на нашите гробни споменици над главите кога го напуштаме овој свет. А потем, зборот ја знае и ја трпи секоја болка како да е негова, нашите нај очајни мисли и скриените насмевки. Тој знае сè, само сопствената судбина не., тој е камшик и мевлем за нашиот грб и нашата душа.“

Оттука, мојата поезија во целина а конкретно поезијата во “Куќа од хартија“ од женска перспектива, но и во обратна насока, жената во поезијата, ја слави женската убавина и природата, мајката и пролетта, ставајќи ги истовремено, ѝ поезијата ѝ жената, на пиедестал со нивната сензуалност со цел преку песните да покажат став и критика кон сегашноста и реалноста во која живееме, ја преиспитуваат нејзината позиција во современото општество, нејзината ранливост, нејзината слобода, движењето и однесувањето, како и на одбирањето да биде тоа што е, било ќерка, жена, мајка, љубовница.

Во сите песни во „Куќа од хартија“ поентата е иста. Сите имаат една цел: да го однесат читателот, да го искачат поблиску до она кон што свесно или несвесно целиме. Тоа нешто кон што сите на некој начин целиме е, веројатно, различно за секој од нас: Бог, среќа, успех… Но патот е еден, треба и мора да се изоди. Дали, од друга страна, тој пат е всушност нашата потрага по себеси, по нашето јас – кои сме, што сме, што е нашата мисија на овој свет, која е нашата цел, зошто сме тука…? И дали кога ќе ја постигнеме и достигнеме посакуваната цел, сме навистина среќни? Тоа ли е она што сме го барале, по што сме копнееле, што сме го сонувале?

Темпото на секојдневието безмилосно нè турка напред, право но, од време навреме помислуваме и на минатото, на грешките, на тагата и на болката која тлее внатре во нас од жал по родителите, пријателите, безмалку, неминовни во сечиј живот. Животот е најголема инспирација. Во „Куќа од хартија“ продолжувам да ја истражувам дуалноста  меѓу светлината и темнината, сигурноста и сомнежот, сеќавањата и заборавот, но и контрастите помеѓу јасноста и неодредените сеќавања и конечно, пишувам за смртта како физички крај на сè што живее, но од друга страна пак, речиси во сите песни пеам за пролетта или само ја навестувам по зимата, пролет како ново раѓање, ренесанса.

Мојата поезија му пркоси на секојдневниот живот и на минливоста. Во неа борбата на личниот иден-титет може да се спореди со таа на Икар или на Исус. Во неа ги фаќам нај неодредените, нај хипотетичките димензии на просторот – универзумот кој засекогаш останува мистичен и настојува читателот повторно да ги прочита и да ги доживее песните.

Книгата „Куќа од хартија“ буди возбудливи чувства, таа е утеха на меланхолијата и показател за тоа што сè има во моето срце, во твоето срце, во сечие срце.

                                                                                                            Гордана Каракашевска

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели