Зоки е болен од грип. Стариот чичко доктор рече дека ќе мора да остане в постела, ако сака побрзо да оздрави.
Но на Зоки му е многу здодевно в постела. Тој лежи сам, мајка му е на работа, татко му е на работа, а баба му го готви ручекот во кујната.
–Бабо, – викна одеднаш тој, – дај ми го Сламеното Мече да си поиграм.
Баба му доаѓа но ѝ паѓа на ум дека Зоки ќе се открива ако му дозволи да си игра со Мечето.
–Мечето? – се чуди таа. – Па нели ти е жал за него, Зоки? Ако е до тебе и тоа ќе се разболи од грип.
Мисли Зоки, мисли, и нема што да каже. Баба му пак си оди во кујната и нему му е уште потешко вака сам.
Надвор врне дожд и прозорците се влажни.
–Бабо, – вика пак Зоки, – Дојди бргу ваму!
Баба му доаѓа: – Што е, Зоки?
–Ама не знаеш ли? И Сламеното Мече е болно од грип!
–Како? – се чуди баба му и поаѓа кон Мечето што седи жално исфрлено во аголот.
–Кха, кха – кашла Зоки зад нејзиниот грб, претворајќи го гласот и вели: – Слушаш ли, Мечето кашла! Настинато е!
–Па што да правиме, Зоки? – вистински се чуди баба му.
–Донеси го кај мене в кревет. Да се стопли, бабо. Така заедно ќе оздравиме.
–Добро, – вели баба му – Но ќе треба и од лекот заедно да пиете. За Мечето знам дека ќе пие, тоа сака да оздрави, но ти ќе пиеш ли?
Зоки размислува.
–Инаку не ти го давам!
–Ќе пијам, – вели Зоки и ги подава рацете кон Сламеното Мече.
Баба му го става Мечето во постелата на Зоки.
–Но да знаеш, нема да се откривате. Зошто Мечето тогаш повеќе ќе настине и јас ќе ти го земам.
Така сега Зоки и неговото Сламено Мече лежат мирно во постела, покриени дури до устата.
Зоки само тивко му зборува на Мечето и го трга за нозете под јорганот, а бабата спокојно си работи во кујната.
Прочитајте и „Лидија“ – Извадок од „Зоки Поки“ – Оливера Николова
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.