„Лидија“ – Извадок од „Зоки Поки“ – Оливера Николова

Постојат книги кои оставаат огромен белег уште при првото читање. Книги кои „растат“ деца и го пакуваат сѐ она најубавото од  периодот на нивното исчитување. Книги кои мирисаат на детство, соништа и магија; мали книги со големи приказни и поуки кои долго, долго време не се забораваат. Една од тие мали (големи) книги е „Зоки Поки“ од Оливера Николова која на наједноставен начин успева да го долови светот на најмалите. Подолу прочитајте го извадокот за Лидија и потсетете се како само, на најискрен начин се создаваат пријателства.

Не ќe постоеше Зоки Поки, ако не постоеше оваа Лидија. Oвaa Лидија што е голема до моево колено и што има очи како џамлии.
Не ќe постоеше Зоки Поки, но ќe постоеше едно дете едно обично име – Зоран.
Кога првпат се сретнаа, Лидија му рече:
– Како те викаат?
А тој рече:
– Зоран.
– Не, – рече таа, – ти си Зоки.
– Зошто Зоки?
– Скратено. Така е поубаво. Ти си Зоки, Зоки … Поки. Ако?
– Ако, – се согласи  тој малку збунето; но и зарадувано дека ќe има ново име. Рече гласно:
– Зоки Поки. Добро.
– Гледаш дека ти се допаѓа! Тоа ти е име!
Навистина, тоа беше име.
И оттогаш малечкиот Зоран како да стана голема и важна личност. Не дозволи никој повеќе да го вика со неговото старо име.
А Лидија, што живееше на подолниот кат од неговата зграда, му стана најдобрата пријателка.

Прочитајте и со што може да се купи сиот свет.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели