Skip to content

Поезија за деца: „Ден и ноќ“ од Ненад Џамбазов

Штом ќе дојде убав ден,
секој да е здрав ко дрен.

Денот безброј игри нуди,
Децата од сон ги буди.

Сите деца в секој крај
Топката ги мами, знај.

Радост, песни сегде роси,
нови игри тој ни носи.

Крај езеро, море, река,
во планина крај даб, смрека.

Децата се гости знајни,
што ги знаат сите тајни.

Денот убав, денот злат,
тргнува на својот пат.

Од игрите секој ден
малку е и изморен.

Зад планини ќе се скрие,
пред да легне, заби мие.

Ноќта сонче слатко плете,
за секое в светот дете.

Заспивалки нежни пее,
Дур месечко сребро лее.

Ноќта има чудна моќ,
мило дете: “Лека ноќ!”

Напишете коментар