29 години од смртта на сараевските Ромео и Јулија: Бошко и Адмира

На денешен ден се навршуваат точно дваесет и девет години од трагичниот крај на Сараевските Ромео и Јулија-Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ. Двајца заљубени, трагично убиени млади во војната во Сараево во 1993 – та година.

 Приказната зад сараевските Ромео и Јулија

Во далечната 1993-та, во град поделен на две закрвавени страни и два огна, Бошко и Адмира со само дваесет и пет години затежнати на нивните им срца, уживаат во својата вонземска љубов и коваат план како да го напуштат завојуваното Сараево. Тој е православен, а таа муслиманка, но на никој не му е гајле за тоа. Тие се сакаат и тоа е доволно. Во тој период тие се веќе осум години заедно. Имаат испланирано венчавка, заеднички живот и сѐ што доаѓа по тоа, но војната си има друга замисла.

Кобниот ден двајцата млади го дочекуваат заедно. Планот е да го напуштат Сараево и да заминат во потрага по поубав и помирен живот. Иако мајката на Бошко и братот се веќе заминати, Бошко одбива да го напушти градот без Адмира. Па, така на 18 – ти мај 1993-та година, по една година пекол во Сараево носат одлука конечно да го напуштат истото. Од двете страни е дадена дозвола за двајцата млади да ја поминат линијата на разграничување. И по дваесет и девет години е нејасно зошто е пукано во нив.

Во 17:00ч  изминуваат 500 метри од десниот брег на Миљацка. Изложени на мета на војниците од двете страни, преминуваат кон населбата Грбавица (под контрола на српската страна) до мостот Врбањ кога некој пука на нив. Бошко паѓа прв погоден од снајперот и умира на лице место, а Адмира која е ранета ползи до него и го прегрнува. Умира петнаесетина минути подоцна во неговите прегратки.

Додека двете страни меѓусебе се обвинуваат за убиството, нивните прегрнати тела остануваат осум дена неподигнати, а фотографијата од ужасната глетка го опкружува светот и тој им ја доделува титулата „Сараевските Ромео и Јулија“. По осум дена телата се подигнати од страна на војската и се погребани на гробиштата во Лукавица. По војната од страна на семејствата се префрлени на гробиштата Лав во Сараево каде и ден денес почиваат еден до друг. И по дваесет и девет години убиецот не е пронајден, ниту па некој е кривично гонет за убиството на двајцата заљубени.

„Мојот син ја сакаше и јас ја сакав,“ вели мајката на Бошко во документарецот снимен за двајцата млади. „Ги одгледав синовите без размислување за религијата и нацијата. Никогаш не сум им говорела дека тие се Срби, а дека овие другите се Хрвати и Муслимани. Не ја гледав Адмира како муслиманка, како различна. Ја гледав како девојка на мојот син, кој тој ја сака и која јас ја сакав.“

„Нас само куршум може да нѐ раздели.“ Говорела младата Адмира, но и куршумот, иако пробал сепак, не успеал. Бошко и Адмира и по дваесет и девет и по сто и дваесет и девет години ќе се паметат. Тие ќе останат вечни, а нивната љубов ќе се велича не само низ Сараево, туку низ целиот Балкан. Тогаш можеби Балканот ќе се сети дека војната не решава, туку уништува и дека љубовта е посилна дури од смртта.

Љубовта на двајцата млади е овековечена преку документарецот „Сараевските Ромео и Јулија“ и песната на култната група Забрањено Пушење насловена „Бошко и Адмира“ чии стихови ја излеваат само вистината:

„Ma kakva Julija, kakav Romeo
niko se nije tako volio
i niko nikad nece
sve dok Miljacka voda tece…”

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели