Вистината не прави галама, таа е тивка, како тивка вода брег што рони. Колку и да ја сокриваш, извртуваш, таа пак си го покажува правото лице. Вистината е како огледало што стои закачено во претсобјето на кое секојдневно се огледуваш. Колку и да ја изменуваш и потиснуваш, таа испливува на површина порано или подоцна. Како сенка што те следи секаде така вистината ти се припратува следејќи го секој твој чекор. Залудни се обидите да ја избегнеш, ќе те чека на следниот агол.
Таа сака да ја погледнеш во очи, да ја прифатиш и да не се плашиш од нејзе. Дури и кога е болна, тешка и неиздржлива постои причина зошто е таква. Тивко, незабележливо те учи на лекции ден по ден, на нешта кои си мислел дека не се прифаќаат лесно. Лагата е бучна, полна со драми, сплетки, измислици што се нижат една по една како бисерчиња на рачно изработена белегзија. После одреден период тие бисерчиња се распрснуваат и од белегзијата не останува ништо оти била составувана од невистини.
Само вистината гради кули со цврста градба, а лагата разнишани. Со вистината си ослободен дури и кога е тешка. Кога знаеш правилно да постапиш нејзината тежина почнува да се намалува. Со лагата си окован во синџири и колку повеќе ја храниш синџирите стануваат сѐ поголеми и потешки. Не секогаш е лесно да се гради кула со цврста градба, но барем знаеш дека кога ќе ја изградиш потешко би се распаднала.
Наталија Наумовска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.