Палави афоризмичиња од афористичарот Миле Ѓорѓијоски

Палави афоризмичиња од афористичарот Миле Ѓорѓијоски повторно на Крајбрежје. Брзо се читаат, досетливи се и хумористични. Дали е така проверете сами слободно, а ние ви гарантираме задолжителна насмевка. Прочитајте ги во продолжение!

Наредните три месеци бато нема да бега часови! Така е секогаш додека трае летниот распуст!

Ајнштајн бил најдобар татко. Кога неговите деца добивале единици, тој наместо да им се кара, велел „Сѐ е релативно“.

Децата се најискрени за време на летниот распуст. Тогаш не мора да лажат дка добиле петки за да добијат сладолед.

Да одлучувала баба кога викал „Земјата се врти“ Џордано Бруно ќе поминел полесно. Ќе добиел само оклагија по главата.

И за мене и за дедо најдобро ќе биде место лектири тој да ми купи патика. Така тој не ќе мора цело лето да чита, а јас ќе си играм фудбал.

Среќа моја што јас не одам на училиште како бато, па место лектири дедо ми купува патики!

Учителката не знае дека тато и мама заедно ми ја пишуваа домашната задача. Ми стави само една петка.

Што дека и јас како Сократ знам дека ништо не знам, кога мама и тато сакаат да бидам лекар, а не филозоф.

Бато е најпримерен за време на летниот и зимскиот распуст. Не бега од часови, не добива единици…

Сит сум од училиштето! Не можам да сварам нити еден предмет.

Тато почна да штеди на своето незнаење. Ме остави без џепарлак, а тој ми ја пишуваше домашната за која добив единица.

Некој ѝ кажал на учителката знае дека тато ми ја пишувал домашната за која добив единица. Ми рече да му кажам, веднаш да дојде во училиштето.

За разлика од учениците артистите се привелегирани! Никој не им се кара кога користат помош од суфлер.

Секогаш кога знам дека ништо не знам, не филозофирам како Сократ, туку веднаш бегам од часови.

Дали ќе го отворам училишниот ранец или не, не зависи од мене туку од тоа дали мама ќе го наполни со кроасани.

Мојата учителка не чува тајни! Штом добијам единица, веднаш ме кодоши на мама и тато!

 Тато никогаш нема да биде балетан, а мама балерина! Тој оди на прсти само кога се враќа доцна од кафеана, а таа само кога тато спие.

Подобро ќе беше дедо место писател да беше продавач на коли. За роденденот место книга ќе ми поклонеше „Мерцедес“.

Бато е пацифист. Мрази да се наоружува – со знаење!

Часовите на учениците што имаат братчиња треба да траат помалку. За да можат да си играат повеќе со нив.

Ако бидам одличен дедо ќе ми купи „Џорданки”. Ако сака да го исполни ветувањето – ќе мора повеќе да учи.

Не се грижам што ја изгубив ученичката книшка. Туку се плашам да не ја најде тато.

Вујна штеди повеќе од вујче. За разлика од него таа не вари кафе, не мие чинии, не готви, не ја уклучува пералната, правосмукалката.

Прочитајте и палави афоризмичиња за најмалите дечиња.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели