Ако ти патнику намернику
не знаеш каде се наоѓа Кичево,
и нашата славна Копачка
каде се родиле најславните и најхрабрите комити и партизани
од каде реката Треска извира
од селото Извор па до Кичево
весело жубори и кривули покрај автопатот до града Охрида
бисерот македонски
се слева низ падини и долини
и со Вардара се спојува.
А ако сакаш да ја видиш славна Копачка
тргни од Малкоец до Попоец и Иванчишта
наспроти е Ехловец
од Попоец до Извор и Кленоец
од Кленоец до Лавчани и Душогубица.
Од секое село се родиле бестрашни и славни војводи, јунаци и партизани.
Прашај од каде е Наќе војводата
опеан во песната “Кусо Наќе лавчанчето”
од копачка е Арсо војводата
од селото Подвис спроти Лавчани
Од Козица славна е Јордан Пиперката
Од Попоец е славниот партизан Мирко Милески
во најмлади години животот го жртвуваа за татковината
За нашата Македонија
Еј ти патнику намернику
ако сакаш да дојдеш во Кичево
тогаш ти прашај каде има богатство од планини
од зелени гори разлистани
од шуми богати со разновидни дрва едногодишни и зимзелени
до небо што се протегаат
Прашај каде има падини и пасишта
каде течат најчистите води на студенчица
зелени ливади со опојни шумски цветови
а под падините плодни ниви и ораници
засадени со пченка и пченица
со зеленчук и разни овошни овоштарници.
Та застани под сенката на оревите
напиј се од водите на студенчица
душата да ја разладиш
од таа вода чиста, која извира
од планината
свежа како нектар и душата на боговите лековита.