Skip to content

Слушај поезија: „Ме буди стих што умира во мене“ – Милчо Мисоски

„Ме буди стих што умира во мене“ е најновата видео-рецитација од македонскиот современ поет Милчо Мисоски на каналот Слушај поезија и други приказни. Во продолжение можете да ги прочитате стиховите, но и да ги слушнете. Пријатно слушање!

I. Соништа со дијаметар на прстен
се тркалаат по дамарот.

Ме буди стих што умира во мене.
На паузата за доручек
од дланките истурам живи семиња разнобојни
да ги колваат птиците ранолетници.

Ме буди стих што умира во мене.

Пладнето веќе се искрадува низ пукнатините од белите ѕидови
Понизноста прашува
колку светлина е потребно да се обои осаменоста.

Ме буди стих што умира во мене.

Без зборови
со скромност на безделник
принесувам воздишки за последните патници на земјата.

Ме буди стих што умира во мене.

II. Пред вратата
зелени патеки со модри цветови
и оној стих што умира во мене.

Нерасонети ликови се измолкнуваат
од простирката полна со леснотија.

Се раздвижуваат намуртените можности.

На креветот
стари фотографии полни со прав и вистина
затворени во времето кое не знае за осуда.

Ме буди стих што умира во мене.

Приквечер
старите сенки
невидливо го носат заборавот, невиноста на
убавината која повеќе не е доживување
туку очекување.

Слушнете ја и рецитацијата за „Љубов“ од Лина Димоска.

Напишете коментар