Интерјву со Далибор Ивановиќ, пред почеток на втората сезона од подкастот „На гости кај Прилеп4анец“

Непосредно пред почетокот на втората сезона на подкастот „На гости кај Прилеп4анец“, имавме особена чест и задоволство да поразговараме со еден од неговите креатори, Далибор Ивановиќ. Првата сезона може да ја погледнете на следниот линк. Далибор Ивановиќ е автор на три книги, а за нив повеќе ќе дознаете во интервјуто подолу.

1. Здраво Далибор! Сакаме да те си заблагодариме што одвои време за ова кратко интервју за Крајбрежје.мк. Најпрво би те прашале како си? Како се чувствуваш? Дали би ни кажал нешто повеќе за себе? Кој е Далибор Ивановиќ?

Се чувствувам како сончев зрак во соба со спуштени густи ролетни, се чувствуам ситно ама значајно. Така ми е некако деновиве… Скоро секогаш навивам за доброто, но не сум секогаш добро ниту добар. Можеби треба повеќе да се смеам, да пијам вода, да тегнам мускули, да простувам, да сакам без причина, не знам… За себе не би кажал ништо повеќе, туку би кажал нешто помалку. Далибор е само една самосвесна космичка прашина која поради некоја за мене непозната причина, сеуште не е избришана од лицето на видливиот свет. Кој е Далибор? Живо битие кое се наоаѓа некаде пред последната третина од патот измеѓу мајмун и човек. Далибор е некој што знае дека постојат две вистини, една за давање и друга за чување.

2. Настапува и твориш под псевдонимот Прилеп4анец. Колку книги имаш напишано? Дали раскажуваш приказни што се карактеристични за Прилеп? Може да ни раскажеш кратко за содржината на книгите и каде истите може да се најдат?

Прилеп4анец не е мој псевдоним, тоа е кодно име на фејсбук страна кое служи за полесна претрага на интернет. Напишете прилеп4анец со бројка во зборот на google , и првите десет линкови што ќе ги добиете, сите ќе ве водат кон исто место, кон страната на која измеѓу останатото се наоаѓаат и објави поврзани со моите книги. Страната не ја водам само јас и зад неа стојат и други луѓе. Постојат книги на кои се потпишувам како автор. Книга1 Поклон за комшивката, книга2 Поклон за комшијата и книга3 Поклон за човештвото. Првите две книги може да ги најдете во единствената занаетчиска клучарска работлница во старата прилепска чаршија или во градската библиотека. Последната е печатена во само еден примерок и нејзината судбина е да биде скриена на Маркови Кули. Неа ќе ја најде тој што ќе го реши логичкиот проблем кој води до координатите каде што е закопана.

3. Дали мислиш дека на македонските автори им се дава доволно простор на нивното поднебје?

Не!

4. Каква литература сакаш да читаш? Кој е твој омилен автор, жанр или омилено дело?

Читам весници, часописи, огласи, глупи безидејни монструзно тривијални портали, научни статии, романи, фејбук статуси, поезија, интервјуа со старлети и фудбалери, коментари на фотографии по инстаграм, езотерија, здравје и педантерија… Читам и недочитувам скоро сè! Моментално читам Социологија на христијанството од Георгије И. Мандзаридис, и Дванаесет животни правила од Џордан Питерсон. Немам омилен автор. Немам омилен жанр. Имам книга што на 23 години ме премисли да не си го разнесам умот со барут. Книгата се вика Нова земја од Екарт Толе и му ја препорачувам на секој што го оди патот измеѓу мајмунот и човекот а притоа застанал и сега размислува да се врати назад.

5. Минатата година, на твојот Youtube канал ја реализираше првата сезона од подкастот На гости на прилепчанец. Како си задововолен од целата реализација?

Не реализирав ништо сам! Креатори на поткастот се тројца другари од детство. Со Љупчо Тодороски и Игор Караџоски петнаесет години сум успевал да негувам за мене омилен вид на другарство – креативно дружење. Така беше некогаш, така е денес, така ќе биде утре. Сите тројца сме фанови, слушатели и гледачи на поткаст формати и несвесно ја привлековме желбата да му се пробаме продукциски на поткастот. Започнавме со потрага по водител но не го најдовме. Не сакавме да се откажеме од идејата и мене ми се падна парето да водам. Се ослонивме исклучиво на наши средства, наше време, наши идеи на кои покасно се приклучија и други пријатели и мали бизниси, и така се случи првата сезона. Со резултатот, препознатливоста на идејата и вредноста што се постигнати после првата сезона, очекувањата се надминати.

6. Дали би издвоил некој особено интересен момент кој на тебе оставил силен впечатакок при реализација на емисиите?

Моментот кога во третата епизода од првата сезона, Добрила Грашеска муабети со мене а во следниот момент почнува да ми пее стара чалгиска песна и дури трае изведбата во живо гледам кај неа една солза наполу ѕирка низ око да види што е тоа поткаст.

7. Само што ја најави втората сезона од подкастот На гости кај прилепчанец. Како течат подготвоките за емисиите? Дали веќе се одбрани гостите и дали може да ни откриеш некои од нив?

Во потрага сме по спонзори и пријатели кои ќе му помогнат на проектот да се реализира максимално квалитетно. Потребна е помош и заедничка поддршка за ова да се развива понатаму, а помагајќи му на поткастот ќе си помогнат себеси да бидат препознаени како луѓе, фирми, бизниси, за кои во иднина ќе вреди да им дадеш аплауз на јавен собир и ќе сакаш со почит да ги поздравиш на улица. На гостите деновиве им праќаме покани, договараме термини и не можам да ви кажам имиња, но ќе ви кажам дека во втората сезона покрај прилепчани како база, ќе имаме гости и од други градови низ Македонија.

8. Што мислиш за подкаст културата во Македонија?

Испрекината!

9. Кој е твојот лајтмотив?

Не знам да дадам одговор на ова прашање а тој ист одговор да не ми биде глуп ако му се навратам на ова интервју и го препрочитам за една година од сега. А можеби ќе го препрочитам и после десет, дваесет, триесет…

10. Што би им порачал на читателите на Крајбрежје.мк?

Сонувајте нешто корисно!

На тимот кој стои зад подкастот „На гости кај Прилеп4анец“ му посакуваме успешна втора сезона, а на Далибор Ивановиќ му се заблагодаруваме за одвоеното време.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели