Чекори – Гане Тодоровски

По врвиците пусти, без зборови,
од немирни претчувствија изустени,
се влечеме низ ноќите занемени
од дождот на умората
покиснати,
со полни грски надежи
што сите други размисли
пред себе ги потиснале.

По стрмните височини на немирот,
низ нерамнините на желбите набрекнати,
по трагот на незнајните далечини,
под товарот на долгите лишенија,
чекориме…
чекориме…
Сẻ понапред чекориме.

Чекориме со чекорот
на безброј исчекувања,
расфрлани по патот на дните што се губат,
и знаеме: С л о б о д а т а
е нашето ракување
со сите оние што треба да се љубат.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели