„Жива ќе те запалам”, најновата книга од Александар Николовски која дополнително ќе ви го разгори жешкото лето

Повторно поразговараме со Александар Николовски, нашиот млад автор на трилери и мистерии, кој потекнува од Велес. Тој своите многубројни читатели повторно ги израдува со нов роман – „Жива ќе те запалам”. Како ни протече муабетот и какви интересни одговори ни даде, прочитајте во продолжение.

Александар, првенствено ни е драго што имаме одличен повод за ново интервју. Навистина мошне убава вест е тоа дека ќе уживаме во твоја нова книга. Уште еден интригантен и скокотлив наслов, онака баш во твој стил. Мораме најпрво да те прашаме од каде идејата за називот на книгата од кој многумина се наежија?

– Пред сè, ви благодарам и за ова интервју и за отстапениот простор на Вашиот блог. Задоволство  ми е што повторно имаме можност да поразговараме за ова мое најново остварување. Моите идеи за насловот секогаш тргнуваат од тоа да биде што е можно пооригинален, попривлечен и веднаш да го асоцира читателот од кој жанр е делото без тој претходно да ја прочита кратката содржина. Мислам дека и читателите веќе навикнаа на тоа, често добивам комплименти дека првенствено знам „да ги погодам” токму со насловот.

„Жива ќе те запалам” е твоја веќе деветта официјална книга, па лично што очекуваш од ова твое најново дело? По твоја проценка, како би поминало кај читателите?

– Од искуство знам дека е најдобро ништо да не се очекува за потоа да не бидеме разочарани. Јас ќе бидам задоволен ако книгата им се допадне барем на дел од оние кои ќе одвојат време да ја прочитаат, особено ако се љубители на жанровите во кои творам.

Кажи ни малку повеќе за содржината на „Жива ќе те запалам”, за што станува збор?

– Оваа книга чиј концепт е малку поинаков од претходните книги, најдобро ќе ви докаже дека мртвите не се единствените коишто можат да горат во пеколот. Се работи за изопачен убиец чии жртви умираат на сосема различен начин, но она што им е заедничко, е тоа што пред да ги совлада смртта и за последен пат да ги затворат очите, видното поле им го окупира една нејзина фотографија. Нејзиниот лик е последното нешто што го гледаат пред да преминат на оној свет. А сега е дојден и нејзиниот ред, редот на последната жртва.

Листата на жртви ќе биде комплетна само тогаш кога и таа ќе им прави друштво на останатите. Само тогаш, кога ќе гори жива. Велат дека огнот ги прочистува душите, но дали тоа е случај со лудилото и гревовите? Одговорот на ова прашање е толку тежок и сложен колку и природата на самата жртва, затоа што таа не е како сите други. Таа е посебна, таа е поинаква. Таа најмногу треба да страда. Затоа е оставена и како последна, на милост и немилост на пламените јазици, за да го јагленисаат до непрепознатливост нејзиното виновно тело…

Описот можеби делува малку општо, но тоа е со цел да не откријам некој спојлер. Повеќе нема да кажам ништо, само ќе оставам на читателите да ја прочитаат и да го дадат своето мислење. Како и да е, и овде нема да изостанат напнатоста, мистеријата, интересните пресврти и самиот крај кои се проследени со мрачни психо-елементи.

Едвај чекаме да ја прочитаме книгата и да дознаеме што си ни подготвил. И сега треба добро психички да се подготвиме за крајот, така?

– Секако дека да! Се шегувам, тоа зависи исклучиво од читателот како поединец. Инаку, познато е дека доста вложувам во краевите на секое мое дело од причина што сметам дека секоја книга посебно од овој жанр треба да има некој печат, нешто што ќе ја обележи и ќе придонесе да биде запаметена.

Од рецензиите по книжевните групи честопати знаеме да прочитаме дека читателите знаат на шега да кажат дека си „паѓал на глава”. Колку вистина има во тоа?

– Така е, добро сте забележале. 😊 Тоа со „паѓањето на глава”за мене е всушност комплимент, барем јас го сфаќам така, во смисла дека читателите кога се згрозени сметаат дека нормален човек или оној кој не паѓал на глава не може да смисли такви морбидни пресврти, настани и краеви какви што има во моите книги. Ама еве ќе откријам, немам досега „паѓано на глава” туку едноставно кога ги обсмислувам книгите, оставам имагинацијата без граници да ме води во најизопачените и најзлобните сфери на човековиот ум.

Дали сметаш дека тековната криза влијае општо и на продажбата на книгите?

– Секако дека влијае, и тоа се забележува кај сите издавачи. На некој начин е и нормално со оглед дека сè е поскапено, па и самите книги. Забележливо е дека новите изданија се во помал број за разлика од претходно и имаат повисоки редовни цени. Сакале или не, еден добар дел од читателите повеќе не можат да си дозволат да купуваат толку книги како порано.

Колку си задоволен од приемот кај читателите на твоите две претходни дела, „Дојди да те убијам” и „Убава си кога крвариш“, кои на изненадување на сите, ги издаде истовремено?

– Мошне задоволен, морам да признаам. Не е тајна дека „Убава си кога крвариш” е почитана и побарана за разлика од „Дојди да те убијам”, но сума сумарум впечатоците на читателите и за двете книги се доста позитивни и она што најмногу ми се допаѓа е дека се задоволни на крајот по читањето. И веднаш почнаа да ме прашуваат кога ќе има следна книга, па еве, ја дочекаа. 😊

Мислиш ли дека читателите знаат „да им прогледаат низ прсти” на нашите современи автори и не секогаш даваат искрено мислење за нивните дела?

– Ќе излажам ако кажам дека не им прогледуваат, секако дека да, и тоа многу. И мене сигурно некој ми гледа низ прсти. И тоа од една страна е разбирливо, некој го прави за дополнително да ги рекламира, друг за да не ги повреди, трет за да им биде како „ветер во грб” за следни дела итн. Но, од друга страна, за жал сè поретко сме сведоци на искрени рецензии за книги од наши современи автори, речиси и да ги нема. Ќе подвлечам еве и тука, брутално искрена рецензија или доделена слаба оценка не значи навреда за авторот и делото, само што скоро никој не се осудува да го стори тоа јавно затоа што најчесто или е погрешно разбран или е „нападнат” од фановите на авторот.

За крај, повторно да прашаме, која е твојата порака за твоите читатели и оние на krajbrezje.mk?

– Вие повторно прашувате, а јас се трудам секогаш да дадам барем малку поразличен одговор. Се шегувам, што да кажам, освен вам и на сите читатели да им посакам убав остаток од летото и добро да се одморат на дестинацијата која ја избрале. И секако, да уживаат со добри книги и притоа да им дадат поголема шанса на делата од македонски автори, не само затоа што се наши туку затоа што навистина имаат одлични дела со кои можат да се пофалат.

Александар, ние уште еднаш од срце сакаме да ти заблагодариме за издвоеното време. Ти пожелуваме уште поголеми успеси понатаму. Како и досега, остануваме да го следиме твојот развој и напредок со сета наша поддршка. Сите оние кои сте заинтересирани за неговите книги, не двоумете се и збогатете ги Вашите полици и библиотеки со неговите уникатни дела преполни со пресврти и возбуда. Нарачката можете да ја направите преку порака на Face book- профилот на авторот.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели