Вилијам Хенли Ернест (23 август 1849 – 11 јули 1903 година) е англиски поет, критичар и уредник. Invictus (или Неосвоив) е кратка поема, напишана во 1875 г., а првпат објавена е во 1888 г. во Книгата на стихови од Хенли каде што била четврта во серија на песни под наслов Животот и смртта. Поемата првобитно немала наслов. Во првите изданија песната ја содржела само следната посвета На R.T.H.B. – која се однесувала на Роберт Томас Хамилтон Брус (1846-1899), успешен шкотски трговец и пекар кој исто така бил и литерарен патрон.
За песната
На возраст од 12 години Хенли се разболел од туберкулоза на коските. Неколку години подоцна, болеста напреднала и се проширила на ногата. Лекарите заклучиле дека единствен начин за да се спаси неговиот живот било ногата да се ампутира до коленото. Ногата му била ампутирана кога имал 25 години. Во 1867 г., тој успешно ги положува испитите како постар студент на Оксфорд. Во 1875 г. од болничкиот кревет тој ја напишал песната Invictus. И покрај неговиот инвалидитет, тој преживеал со една здрава нога и имал активен живот сè до својата смрт на возраст од 53.
Invictus – Вилијам Хенли Ернест
Од дно на ноќта над мене што бдее
Од крај до крај, црна и морна
Му благодарам на богa, кој и да е,
За душата моја непокорна.
Судбината кога во вилица ме зема
Ниту трепнав, ни да заплачам нема
Животот кога удари ми дава –
Kрварам, но не ќе наведнам глава.
Вон ова место од гнев и од очај
Ништо друго нема освен сенка страшна
Годините дур ми претат пред очи
Пак ќе ме сретнат со душа бестрашна.
И зар е важно што пред тесна порта стојам,
И што смртна казна обвинет слушам?
Јас сум господар на судбината своја.
Јас сум капетан на мојата душа.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.