Читаме: „Жолтата таписерија” од Шарлот Перкинс Гилман

„Жолтата таписерија” од американската авторка Шарлот Перкинс Гилман е кратка приказна, првично издадена во јануари 1892 – ра година во списанието Нова Англија. Приказната обработува теми како: Слобода, идентитет, самоискажување, ментално здравје, опресија, бесправност и родови улоги во тогашното патријархално општество. Теми за кои слободно можеме да кажеме дека се провлекуваат и во денешницата.

Приказната

Самата приказна го следи патот на една жена која пати од постпородилна депресија и поради тоа нејзиниот лекар, кој истовремено е и нејзин сопруг ѝ препишува „одмор како терапија”. За терапијата да профункционира, младата жена е затворена во една малечка соба во вила која сопругот, чие име е Џон, ја има изнајмено за преку целото лето. Собата во која младата жена е присилена да престојува порано фигурирала како детска соба. Таа е малечка, облеана е во прав и задушлива, прозорците се затворени со решетки, а ѕидовите се обвиткани со ужасна, помалку и смрдлива жолта таписерија во која, со малку имагинација можат да се видат веќе одамна избледените фигури.
Младата жена која е и наратор на целата оваа приказна во текот на престојот во вилата и собата со ужасната жолта таписерија, полека но сигурно го губи разумот, факт кој нејзиниот лекар – сопруг не го гледа или пак, одбива да го види; по неколку недели, таа почнува да гледа заробени фигури на жени во таписеријата кои, ѝ се чини дека излегуваат само ноќе и барајќи слобода, лазат и се превиткуваат по подот. На крајот, младата жена одлучува да ја искорне таписеријата за да ги ослободи од неа оние кои се заробени и со самото тоа можеби да се спои со нив и да се ослободи и себеси.

Зошто е битна?

Ова е всушност една феминистичка приказна од крајот на 1800 – тите која преку мошне директни метафори и симболизам говори за опресијата која патријархатот ја врши над жените со тоа што им го одзема правото да одлучуваат за сопственото здравје и опкружување. Со оглед на сè почестото предизвикување на женските права ширум светот, ја препорачуваме.

Прочитајте и за првата песна напишана за Јованка Орлеанка.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели