Борисав Бора Станковиќ бил раскажувач, романсиер, драматичар и едeн од најзначајните писатели на српскиот реализам. Починал на 22 октомври 1927 година во Белград, а бил погребан на Новите гробишта.
Животопис
Тој е роден на 31 март 1876 година во Врање, од татко Стојан, кој по професија бил чевлар, и мајка Васка, ќерка на богатиот трговец од Врање, Ристе Гркот. Борисав имал помал брат Тимотиј, кој починал на двегодишна возраст. Борисав рано останал без двајцата родители: татко му умрел во 1881 година, а мајка му во 1883 година и оттогаш за него се грижела баба му Злата, мајката на татко му. Баба Злата потекнувала од старо, угледно, но сиромашно врањско семејство и често му раскажувала за „старото“ Врање.
Образование
Во Врање, Борисав завршил основно училиште и седум класа гимназија (која денес го носи неговото име). Осмиот клас го завршил во Ниш, каде матурирал. Баба му Злата умрела на 8 февруари 1896 година, кога тој се запишал на Економскиот отсек на Правниот факултет во Белград. Поради недостаток на финансиски средства, бил принуден да му ја продаде семејната куќа на локалниот свештеник. Во 1900 година дипломирал на Правен факултет во Белград и се оженил со белграѓанката Ангелина Милутиновиќ со која имал три ќерки. По завршувањето на правниот факултет, одредено време бил невработен.
Во периодот 1903-1904 поминал неколку месеци во Париз, а по враќањето работел како цариник и како даночен службеник. Како што запишал во својата автобиографија, во службата напредувал бавно, поради својот непристапен темперамент. За време на Првата светска војна, во 1915 година го оставил семејството во Кралево и се повлекол пред непријателот во Ниш. Во Подгорица бил заробен од Австроунгарската војска, а потоа бил интерниран во Дервента.
Служба во Одделението за уметност при Министерството за образование
Во јули 1916 година, со помош на еден пријател, бил ослободен и се вратил во Белград. Таму пишувал во рубриката за култура во Белградските весници со што го прехранувал семејството.Во 1920 година станал службеник во Одделението за уметност при Министерството за образование.
Творештво на Станковиќ
Започнал да се занимава со пишување уште во училишните денови, кога објавил неколку песни и раскази во училишните весници. Неколкупати безуспешно се обидел да ги објави своите раскази во книжевните публикации, а на српската книжевна сцена се пробил дури со збирката раскази „Од старото евангелие“ (1899), а особено со драмата „Коштана“. Тој добил позитивни критики од Јанко Веселиновиќ во „Ѕвезда“ и од Јован Скерлиќ во „Српски книжевен гласник“. Скерлиќ подвлекол дека се појавил „сосема оригинален талент“ кој „влегол во книжевноста со свршени дела“ и означил „нов правец во српскиот расказ“, оценувајќи го како „можеби најсилниот раскажувачки талент што кога и да било се појавил во српската литература“.
Во 1900 година, во списанието „Ѕвезда“, Станковиќ го објавил третиот чин од делото „Коштана“ која, според неговите зборови, е „театарска игра во четири чина“. Целата драма била отпечатена во Српскиот книжевен гласник во 1902 година, но Станковиќ повеќепати ја преправал до конечната верзија од 1904 година.
Одбележување на триесетгодишнината од неговото творештво
Во 1902 година ги објавил збирките раскази „Божји луѓе“ и „Стари денови“. Подоцна следувале и збирките „Од мојот крај“ и „Моите познати“, како и драмите „Ташана“ и „Јовча“. Во 1910 година го објавил романот „Нечиста крв“, кој веднаш бил прогласен за ремек-дело на српската книжевност. Во април 1924 година ја прославил триесетгодишнината од книжевното творештво, а неговата драма „Коштана“ повторно била отпечатена и поставена на сцената.
Јавувајќи се во времето кога помладата генерација поинтензиво се ориентирала кон западните примери, Станковиќ останал приврзан за реалистичките традиции, а делата му се проткаени со чувство на наклонетост кон патријархалниот свет на стара Србија.
Дал впечатлива слика на родното Врање
Опишувјќи трагични личности, јунаци кои пропаѓаат како „поетични жртви на љубовта“, тој дал впечатлива слика на родното Врање, на раслојувањето и дегенерацијата на старите трговски семејства и на навлегувањето на селскиот елемент во градот. Бил сликар на страсните судири и носталгија за младоста. Прозата му е вдахновена со чувство на фатализам и источничка сетилност. Покрај раскази и романи, тој бил и драмски писател. Белградските прилики за време на Првата светска војна ги опишал во мемоарското дело „Под окупација“ (Под окупацијом). Целокупното книжевно дело на Станковиќ е поврзано со Врање, иако тој ретко одел таму и нема податоци дека некогаш бил во околните села.
На едно предавање, Станковиќ признал дека своите ликови ги обликувал според приказните што ги слушал при што ги спојувал елементите на повеќе личности со цел неговите ликови да делуваат поцелосни. Неговто творештво се сместува во реализмот, но има особини кои го приклонуваат кон натурализмот. Новата критика го вбројува во зачетниците на модерната српска литература. Тој го вовел врањанскиот говор во српската литература, поради што бил постојано критикуван од страна на многу современици. Тие го критикувале неговиот јазик и стил на пишување, зборувајќи дека неговите дела се „неписмени и ориентални“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.