Skip to content

Песна на денот: „Амнезија на сонувачите“ од Влада Урошевиќ

Денес ги споделуваме стиховите од песната „Амнезија на сонувачите“ на македонскиот поет, Влада Урошевиќ. Песната е составена од три строфи кои се напишани во добро познатиот надреалистичен стил на Урошевиќ. Овие стихови, како и сите претходни посветени на сонувачите, му даваат на читателот еден вид на посебен приказ во светот на  оваа група на луѓе и на сè она околу нив, вклучувајќи ги и нивните сеќавања затскриени зад таа нивна амнезија која ги дели од сите останати. Каква е таа амнезија на сонувачите и на што таа се однесува, прочитајте подолу.

Сеќавањето им е слабо.
Не си спомнуваат за ништо.
Одат низ сонот длабок
дувајќи в цевка од пиштол.

Немаат постојан престој.
Ниедно време не ги прима.
Одбиваат да останат на едно место
макар што доаѓа зима.

Ги привлекуваат само чудните
јаболка зад ѕидот низок.
Во постелата на будните
го фрлаат потоа огризокот.

Напишете коментар