Денеска, како избор за најмалите ја имаме песната со наслов „Мала бучава поради папучава“ од македонскиот писател за деца, а воедно и познат хуморист, Ванчо Полазаревски. Песната е мошне интересна, напишана е во редови низ кои се опишува односот на една бучава и една папуча. Што имаат тие заедничко и како се согласуваат, прочитајте подолу.
Си била една папуча,
се викала влечка,
но за неа – пополечка.
Во исто време
една врева
се скарала со трева,
а една галама
била главна и славна
поради една мама
кога на еднакви парчиња
се делела вкусна салама.
А каде е тука, ве молам,
зборот – БУЧАВА?
Тука треба да е. Но не е,
оти од дното на душата бучава
ја мразела папучава
(која се снајде
и тука се најде.)
Оти и зошто ја мразела?
Оти и затоа што
кога папучава газела,
толку многу пазела,
што немало, ниту врева,
ниту галама а
најмалку пак бучава
и сето тоа поради – папучава.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.