Денес ги споделуваме стиховите од песната „Има денови“ на македонскиот поет и писател, Петре М. Андреевски. Песната е составена од три строфи во кој поетот ги опишува оние најдлабоки човечки моменти во кои тој одвреме – навреме се пронаоѓа. Какви се овие денови на Андреевски и што во нив се случува, прочитајте подолу.
Има денови
кога јас не сум овој овде:
лицето друг ми го носи,
нозете друг ми ги користи,
па дури и моите зборови
некој друг ми ги кажува.
Јас само по нешто слушам
и само по нешто гледам,
а никој не смее да ми каже
зошто сум скаран со себеси.
Има денови
кога небото се шета поземи
и сонцето ми изгрева под колената
и кога јас одам на една страна,
а мојата сенка – на друга.
Тогаш слушам само плач и викоти,
но јас никаде не гледам никој
и никој не ми може ништо.
Само удирајќи така бесно рикајќи,
како дотечена слепа река
што сè пред себе руши и пустоши.
О, избегнувајте, ќе ве молам,
избегнувајте ги тие денови
да ме сретнете, да ве сретнам.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.