„Подготвени сте“, го прашав. Тој кимна со главата. Сакав да го прашам што го натера да го смени мислењето. Бидејќи не верував дека во прашање беше само мојата репутација, но решив за тоа да го прашам на крај.
Крај на вториот дел.
„Беше 1977 година, тогаш имав 19 години“, започна да раскажува Г-динот Никовски. „Тоа беше време кога луѓето се ценеа меѓу себе и кога немаше поделби. Имаше за сите луѓе. И за тие што имаа пари и за тие што немаа. Јас потекнувам од сиромашна фамилија. Татко ми работеше земјоделие, а мајка ми беше домаќинка. Нè чуваше мене и моите две сестри Јорда и Ана. Јас уште од 14 години почнав да работам со татко ми на ниви. Заработував по некоја пара за да можам да одам во градот, заедно со моите другари. Тогаш шетавме низ корзото. Гледавме да се облекуваме што е можно подобро за да нè забележуваат девојките“, застана на момент, се поднасмевна и продолжи: „Една вечер додека шетавме ја здогледав неа, Силвија.
Беше облечена во долг шарен фустан, а црната коса ѝ беше фатена во кок. Се сеќавам како да беше вчера“, кимна со главата и се напи од чашата со вода пред него на масичето и го прочисти грлото. „Се заљубив во неа веднаш штом ја видов. Еден од моите другари ме примети како ја гледам и ми рече да заборавам на помислата оти таа е од богата фамилија и нема да сака да биде со мене, момче кое ги носи истите пантолони со месеци. Ама јас не сакав да верувам во тоа. Без премногу да мислам ѝ пријдов и на мое не-чудење наидов на осудувачки погледи од нејзините другарки. Ама не ги зедов во предвид.
На Силвија ѝ реков дека е многу убава и дека заслужува некој што ќе ја гледа како принцеза. Таа се насмевна, но кога една од нејзините другарки ме турна и ми рече да пробам кај некоја девојка од моја класа, на руменото лице Силвија се појави израз на засраменост. Ја наведнав главата и се вратив кај моите другари. Не ме погодија толку зборовите на нејзината другарка, колку од тоа што се засрами од мене. Долго време се прашував дали се засрами од мене или од нејзината другарка. „Подоцна дознав дека е второто“, направи пауза, а на неговото лице се појави огромна насмевка.
„Дознав каде живее, па собрав храброст и едно пладне отидов пред нејзината куќа. Што да видиш, замок. Бела куќа на три ката. Зедов неколку каменчиња од земја и фрлив едно по прозорот од нејзината соба. Почекав малку, но не излезе. Потоа фрлив уште две – три. Силвија тогаш ја подаде главата низ прозор. Беше лута, но кога ме виде, лутината премина во радост. Низ шепот ме праша што барам пред нејзината куќа. Јас ѝ одговорив дека ја барам неа.
Тогаш по вторпат ја видов нејзината блескава насмевка. Ми рече дека татко ѝ може да дојде во секој момент и дека ако ме види под нејзиниот прозор ќе ме отепа. Јас и одговорив дека за неа би го дал и животот. Одмавна со главата држејќи ја насмевката на лицето и ми рече пред да се стемни да се најдеме кај семкарот, во корзото. Кимнав со главата гледајќи ја во нејзините сини очи и почнав да заминувам. За малку ќе се сопнев на еден камен од што толку бев занесен во неа“, рече Г-динот Никовски, додека неговиот израз на лицето варираше помеѓу сериозен и радосен.
Од тогаш почна нашата љубов, но нејзиниот татко никако не ја одобруваше Тој беше старомоден и сакаше неговата единствена ќерка да се омажи во богата фамилија. И имаше на ум еден богаташ на кој сакаше да ја даде. Еднаш кога отидов кај неа за да се запознаам со татко ѝ, ми рече дека јас не сум за неа, бидејќи не можам да ѝ овозможам убав живот. Јас му одговорив дека можам да ѝ ја дадам сета моја љубов, на што тој цинично се насмевна и ми рече дека од љубов не се живее. Пред да си заминам ми даде, како што рече, ‘пријателски совет’ – да си најдам девојка од моја класа. Сиромашна.
Сепак, Со Силвија се сакавме премногу, па решивме да избегаме од таму и да заминеме во Загреб. Таму се венчавме и создадовме семејство. Имаме три деца. Едно машко и три девојчиња. Сите се возрасни и живеат во Германија со своите семејства. Заедно бевме преубави 40 години. 40 години брак полн со љубов и разбирање. Пред пет години, Силвија се разболе од срцето и почина. Мислам дека првите две години ги исплакав сите солзи од што секојдневно плачев. Не можев да издржам повеќе да живеам таму, па се вратив во Скопје. Синот ми вели дека не треба да живеам сам и да заминам за Германија, за да бидам поблиску со него. Мислам дека тоа е добра идеја. Тука немам роднини. Е тоа е Г-дине Коста мојата животна приказна“, рече и се напи од чашата со вода.
Целото време додека раскажуваше го гледав вчудовидено. Уште од самиот почеток знаев дека треба да го оставам да раскажува, а јас само да слушам. Ми беше чест што бев првиот кој ја слушна неговата животно – љубовна приказна.
Бобан Илијевски