Домот ми е над облаци, на врвот од една ледена планина кај што тешко се стигнува. Живеам во малечко куќаре и имам сончева градина, преполна со цвеќиња, мачки и пеперутки. Спијам на стар, метален кревет, онаков, ко од бабите нашите и се покривам со јамболија. Имам креденец, а во него редам тегли полни со сласт, со радост, со среќа, насмевки и разбирање. Во визба чувам каче, полно со разочарување и страв. На качето местото му е в темница, не сакам да го гледам. Во визбата ретко слегувам. Се плашам од темнината. Не ја сакам смрдеата на влага и мувла. Ме лазат морници ко ќе ми текне на глувците, ама сигурна сум дека нив мачките ги изеле.
Имам библиотека, полна со книги, прочитани и непрочитани, ама книги и кои допрва ќе се пишуваат. Во еден тефтер пишувам сè што било, ама и што не било, сè што ќе биде и никогаш нема да биде. Во старите рамки со слики, што висат на ѕидовите заробувам некои последни мигови.
Пред човек да ги искуси разделбите и смртта претерано значење им дава на првите нешта, на првиот бакнеж, на првата прегратка, на првиот збор, на првиот впечаток. Подоцна сфаќа дека луѓето се паметат по крајот, по оние мигови што си посакувал да знаеш дека се последни, па посакуваш да бидат поинакви. Ама дури и такви ко што се, ти се драги, па себично ги чуваш и не оставаш да ги проголта заборавот. Поинаку е кога знаеш дека е последен пат, дека последен пат бакнуваш некој, дека последен пат го прегрнуваш, дека последен пат му ги гледаш очите, дека последен пат му го чувствуваш здивот. Затоа во рамките ги чувам последните мигови со луѓето, оти не сакам тие мигови да ми ги проголта заборавот.
Во куќарето има место за уште еден и верувај ми, знам дека сакаш да дојдеш. Ама тешко се стигнува на врвот над облаците. Треба да преминеш една река, по која пуштам да течат солзите мои, секогаш кога ми е тешко. Треба да стопиш мразови и снегови, кои се трупале од разочарувања и желби да се исполнат туѓи очекувања. Со главата треба да скршиш ѕид преполн со графити, испишани од една жена со чудни сфаќања. Ама кога ќе ги отвориш портите од градината, ќе видиш дека на поубаво место не си бил.
Ќе те маѓепсаат цвеќињата, зуењето на инкестите и предењето на мачките. Нема да сакаш да мрднеш од дворот, ама ќе те фатам за рака и ќе те внесам во куќарето. Ќе ти месам погача полна со љубов и додека ја јадеш ќе се отруеш. Ќе ти ја покажам библиотеката и ќе те оставам сам да избереш која книга сакаш да ја читаш. Миговите во рамките може да ги гледаш, ама и не мора. Во тефтерот ќе сакам да пишувам заедно со тебе, ако сакаш и ти. Ама најубавото ќе го оставам за крај.
Ќе те оставам да легнеш до мене во креветот, да ми се потпреш на градиве, да вдишуваш мир, а да издишуваш болки и тежини. Да вдишуваш спокој, а да издишеш страв. Да вдишуваш убавини, а да издишеш разочрувања. Ќе те оставам да сонуваш, да бидеш свој и слободен, а секогаш да сакаш да си мој. На градите мои мирот да си го најдеш.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.