Бегалка – Лина Димоска

Кога ќе се истрошат зборовите,
молчи и в очи гледај ме.
Остави,
очите да зборуваат,
телата да си шепотат,
а душите да си мечтаат.

Немаме ние многу,
освен една соба полна светлина,
мека постела со љубов послана,
трпеза, полна со разбирање
и килим под кој грижи собираме.

Немаме ниту стројници,
ниту гајди за нас свиреа,
ни камбани в црква биеа,
ниту од мајка ми ме побара,
ни таа ме остави кај тебе да дојдам,
ами сама побегнав,
за вака, да немам многу,
ама на градиве цел свет да ми спие.

Ниту нова руба не донесов,
ни бовчи полни со дарови,
ниту ти со злато ме накити,
ни со дарови не дојдоа твоите по мене,
ни од дома ме задоа за куќата да се радува,
само една булка в коси ми намести,
булка од злато повредна,
булка што на требе мириса,
што на тебе ме потсетува.

Немаме ние многу,
само кров од небо широко,
цело со ѕвезди покриено,
прегратки полни топлина,
раце што шират добрина,
усни од кои надеж тече,
збор што болести лече.

Во бела руба не ти дојдов,
туку во она што го имам,
ама дојдов со чиста мисла,
навек твоја да бидам.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели