Отон Жупанчич (Виница, Словенија, 23 јануари 1878 – Љубљана, 11 јули 1949) — еден од најголемите современи словенечки поети. Во своето творештво, уметнички ги одрази националните и социјалните проблеми на својот народ. Словенечката поезија ја збогати со слободен ритам и со динамичен стил. Познати негови збирки се „Чаша на опојноста“, „Цицибан“ и „Преку полињата“
Во продолжение една е од неговите песни, во препев на Гане Тодоровски.
Го знаеш ли, поету, својот долг?
Немој да си тих!
Што си втонат в молк?
Прати в светот стих,
стих за ова наше време:
прати, сите ќе го подземеме!
Го знам својот долг,
в срце гори плам –
штом се распеам
ќе вијам ко волк,
на врв гора јас ќе ставам нога,
ќе се ежам и ќе режам тогаш!
В Можакље, в тој крај
ќе разрикам јас,
в Благаш ќе е вчас,
одглас Крим ќе дај:
гласот потем ќе го носат бури
и на Похорје ќе втаса дури!
Горо, скрко пој,
дајте силен вик;
стани, рајо, в миг!
Сите, сите в бој!
Стара правдо, крени гордо знаме,
зимава бар да се изрикаме!
Пак пролетен ден
ќе нè грејне нас,
волците в тој час
ќе тргнат по плен:
мини ја Сава, препливај Драва,
заб за заб и глава за глава!
Препев: Гане Тодоровски
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.