Skip to content

Ви се тресе ли тлото?

Ви се тресе ли тлото вака кога го достигнавте дното? Секој ден сè поблиску до дното кое сами си го сервирате. Како не ви е срам да му го правите она што му го направивте на МКЦ? Што сакате да докажете? Ви покажа народот кога почнавте да удирате по културата дека е на прва борбена линија за да си го спаси она што му припаѓа. И тоа не е сè, глумите хуманитарци, а луѓе умираат од ретки болести бидејќи лековите не можат да се набават. Не може да ви се верува на ниеден збор бидејќи со секоја постапка докажувате колку само лажете. Пациентите со цистична фиброза со нивното загрозено здравје се само капка во морето наречен здравствен систем.

За ретките болести секогаш тешко се наоѓала медицинска интервенција. Приморани се да собираат пари за лекување преку онлјан донации. За среќа граѓаните покажаа солидарност за помош на луѓето во Турција и Сирија кои претрпеа огромни загуби после стравотниот земјотрес. Уште еднаш се покажа дека ние сме похумани кога станува збор за туѓа несреќа наместо на несреќата на сопствениот народ. Не велам дека не треба да им се помага, нашиот народ беше сплотен и при поплавите во Стајковци, докажавме дека и дома може да си помагаме едни на друи. Но зошто да се дочека некоја катастрофална непогода за да покажеме дека сме солидарни?

Каде беа донациите за внес на лекови за болните од цистична фиброза во државава? Зарем треба луѓето да почнат да умираат за да се докаже сериозноста на нивната болест? Малку се протестите што се случуваа изминативе денови и недели. Малку е сè што може да се направи за болен човек кој пати и бара помош, а не може да ја добие. Жал ми е за секој изгубен човечки живот кој можел да се спаси, а се изгубил ради неоправдани причини. Кога станува збор за губење на луѓе што можеле да бидат спасени трагедијата како да е уште поголема. Што да се додаде повеќе? Ниеден збор нема да ги врати изгубените човечки животи.

Ништо не се може против смртта која демне наоколу. Како крајна дестинација од која никој не може да побегне. Револтот, лутината, бесот, тагата, болката и солзите не враќаат починати луѓе. Сè што си размислувам во овие моменти е дека сите сме немоќни кога се во прашање некои работи. Конкретно кога се во прашање болести пред кои сме ранливи како штотуку родено бебе. Пациентот од Битола кој почина бидејќи немаше лек за цистична фиброза не е само човечка загуба туку е и своевиден аларм дека треба да се дејствува што побрзо.

Ќе ја завршам оваа колумна во надеж дека правдата ќе биде задоволена, а пациентите ќе ги добијат нивните лекови. Крајно време е да стапнете на земја и да бидете луѓе иако тлото почна да ви се тресе.