Skip to content

Секрет – Катица Ќулавкова

Од нас ќе остане

нашиот изопштен

и притаен одливок

мал како хаику, како врв

мал од што е далеку

како сонце

тој жив талог

во којшто со време

сме се претопувале

грч по грч

капка по капка

крводарителски.

Ќе остане на дното

да сркнеме од секретот

Ни жегата ни жедта

нема да помогнат

да сркнеме од секретот

да се плукнеме, назад.

 

Ќе се стаи и она што

Се цедело по грешка

Низ пукнатината во која

Еден живот се должи на друг.

 

Стрвоста и поривта ќе ни ги припотомат

И превоспитаат, на туѓи имиња

Ќе се одѕиваме како на свои

Верноста е времена, ах

Tempora, ah mores!

Небото, потоа, како опитно огледало

Ќе се замагли од нашиот топол здив,

 

Обичен доказ дека е ладно.

Дно.