Сонцето веќе заоѓаше додека Моша ја вдлабнуваше менората во неодамна класениот камен. Сакаше да го вклеса симболот на народот на кого му припаѓаше за да остане таму за сите наредни векови. Наслушнуваше како доаѓа војската на Теодосиј, се тресеше земјата од коњаниците на императорот кој доаѓаше од престолнината на исток, спремен да ја заштити империјата од неверниците.
Беше забранил градење на нови синагоги и кај Моша тлееше немирот дека може да ја урне нивната, онаа на прататкото Полихарм, изградена пред два века, кој од голема љубов кон Јахве, ја отстапил својата вила за изградба на оваа синагога, која сега можеше да се сруши и никогаш да не се дознае за овој напатен народ кој раселен низ империјата сѐ уште се држеше до својата вера.
Сакаше да ја вклеса подалеку од очите на сите, зошто голема беше неговата вера, како менората која беше симбол на просветлувањето на неговиот народ и предание од Јахве на Мојсеј, а тој го носеше неговото име и му се чинеше дека оваа вклесана менора ќе биде вечен симбол за нивната борба за опстанок, пред новонадојдената ортодоксна христијанска вера во империјата.
– За неколку дена доаѓа Теодосиј, сè е спремно, мора да побрзаме и да се спремиме пред да пристигне…начу глас од скалите кои водеа кон излезот од синагогата. Гласот на Исак, неговиот брат беше тивок и скоро нечуен.
– Не одам никаде додека менората не остане овде вцртана засекогаш.
– Ја знам силата на твојата вера Мојсије, но мора да одиме, се работи за нашиот живот.
– Нема живот без Бога, Исак, останувам овде и не одам никаде. Никој не е поголем од Јахве, творецот на Универзумот, нашиот спасител, тој е поголем од животот. Не се плашам од оној кој ми дал живот, од оној кој е поголем од смртта.
Исак замина за да го остави Мојсије сам со своите мисли и помислата на Синајската Гора, на седумте свеќници од табернакулот кои светеа во неговото срце и го имаше нивниот блесок во своите очи. Седум. Толку свеќи светеа на менората направена од
чисто злато. Тој ги поседуваше нејзините седум мудрости, онаа за спознавање на природата, музиката, метафизиката и на човечката душа, на суштината на човечкото постоење и на Тората, светлината дадена од Бога.
Седум дена потребни на Бога да го изгради светов, дали мене ми остануваат уште седум дена до крајот? – се запраша смирено Мојсије пред да излезе од храмот. Не е важно, знам дека нема да биде крај, знам дека постои некоја Светлина која ќе ме води и во
темнината, која ќе стане дел од мене. Реши да остане и покрај тоа што неговите сонародници и неговите најблиски го напуштија градот од страв од императорската војска.
Го имаше само брата си, кој од страв за своите реши да го напушти Стоби и да замине на запад, во западниот дел од царството, каде Евреите беа позаштитени. Имаше доволно намирници за да преживее, беше сам, но немаше страв. Немаше страв дека ќе остане сам меѓу туѓинците, оние од другата вера, и знаеше дека е отуѓен сега кога неговиот народ одбиваше да се покрсти и да ја прими новата христијанска религија прогласена со Солунскиот едикт како единсвена легитимна.
Тука беше Јахве, и тоа му беше сосема доволно. Работеше како ѕидар и тајните на градбата беа она што го делеше од другите и му даваше некоја посебна сила. Ги знаеше правилата за изградба на Божји храм, доверена на оние кои веруваа дека токму таму
беше местото каде се учат заповедите и владее законот на Бога.
Го знаеше точното место каде да се постави Тора арката, бимахот, преградата која ги дели мажите од жените, библиотеката.
– Да, библиотеката! Сега слободно ќе седи таму, кого нема никој и ќе може да ја проучува
Тората во мир и спокој. Така, ќе го чека судниот час – си помисли. Никој во градот не знаеше дека e тука меѓу нив. Изглегуваше од храмот само ноќе кога другите спиеја или беа скриени да се одморат во своите домови после напорниот работен
ден.
Градот беше раздвижен и сите се спремаа за пристигнувањето на императорот, се размислуваше каква храна да се спреми и кој ќе биде оној што ќе го пречека на влезот, ќе биде достоен за таа голема чест. Стоби беше епископско седиште. Во близина на синагогата беше резиденцијата на епископот каде со сигурност ќе влезе императорот кога за првпат ќе влезе во градот, го мачеше потајно оваа мисла.
Мојсије слушаше што се случува и единствено нешто што посакуваше е синагогата да биде поштедена од раздор, но кога начу дека епископот Eвстатиј ќе биде оној што ќе го пречека императорот, се исплаши од најлошото. Знаеше дека епископот има желба да ја преуреди синагогата во христијанска базилика и беше сигурен дека кога идејата ќе стигне до ушите на императорот, ќе ја пречека со задоволство.
Утрината на петиот ден, како и што претчувствуваше, пристигна коњаник за да го најави доаѓањето на императорот.
– Доаѓа за два дена – го слушна како зборува со епископот. Базиликата беше прилепена со синагогата и некогаш наслушуваше разговори кога сè беше тивко ноќе, сите заспале, но тој остануваше да се моли тивко во себеси и да се надева дека набрзо ќе отиде кај своите претци, на другиот свет.
За два дена? – се запраша Мојсије. Да, точно на седмиот ден, како што и претпоставуваше. Седум беше бројот на среќата и благословот, и токму првиот стих од Тората се состоеше од следиве седум зборови: “Во почеток Бог ги создаде небото и
земјата.”
– Дали сега за мене бројот седум ќе означува крај? – тешки мисли . – Не е важно, важно е да опстои она за што се бореле и борат неговите сонародници, нивната верба и нивнавта единствена верност кон Јахве и нивната традиција. Можеби е крај за него, но не и за неговата верба. Таа ќе опстане за сите векови – оваа мисла го тераше да опстои во целата мака. – Доволен доказ е врежаната менора.
Мирно спиеше кога влезе војник од гардата на императорот.
– Што правиш овде? Се криеш? Од кого? Си умислил нешто? Излегувај пред мене – го втурна надвор на жешкото сонце. Мојсије не можеше да го издржи притисокот од Сонцето. Истрача накај гардисите да се скрие барајќи сенка, вознемирен од неочекуваното откриетие и неговото брзо наоѓање.
– Фатете го, не смее да се доближи до императорот! – извика гардистот кој го најде во синагогата. Сечилото навлезе длабоко во градите. Мојсије издиши за последен пат, го пoгледна гардистот во очи и падна на земјата. Како што и претпоставуваше, после неговата невина смрт, синагогата стана базилика, но менората не успеа да ја избрише ударот на историјата, остана да биде доказ за големината на еден народ кој живеел на Балканот од пред-христијанските времиња.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.