Skip to content

После тебе – Викторија Стојовска

На сѐ заборавено се сеќавам.

Одвнатре ме гориш,

а однадвор луѓето мислат мраз ми се наледил на душава.

Лажев кога реков дека не ми значиш,

сè уште ме болиш.

Ти ме болиш бре, ти ме гориш.

Секоја воздишка ти ја паметам,

секој бакнеж на усниве.

Ми ги извади очите,

среќата после тебе не ја гледам,

ми ги исече рацете,

не можам да гушнам друг,

ме задави,

немам ни едно „те сакам“ во грлото.

Знаеш, само кога ме напушта среќата јас крварам вака.

Молчам кога ќе ми текне како бев насмеана.

И не дека не можам сама низ животов ама радо би со тебе.

И не те оплакувам веќе и солзите ги потрошив,

сѐ на тебе потрошив.

Те пишувам уште.

Како да не умирам во секоја песна.

Слушаш?!

Ти си зол човек.

Ти си бол од човек.

И кога се откажав од себе, јас бев уште покрај тебе.

И кога велев дека не ми значиш се кршев во себе.

И што ако имам сѐ кога сакав со тебе?

Ама те мразам ноќва жими се

и со секоја воздишка одново те убивам во себе.

И не ти кажувам дека те сакам!

А сега изгуби ми се од мисливе, нечеснику.

Изгуби ми се од кожава,

од здивот,

од димот на цигарата

и од мирисов од десетово кафе на ден што ми го исуши грлово.

Истечи ми од крвотоков и исчезни без траг засекогаш.

Изчезни бидејќи секако се навикнав да живеам без тебе, после тебе!