Skip to content

Кај двете липи – Владимир Д. Јанковиќ

Пишува: Владимир Д. Јанковиќ

 

На тромеѓата помеѓу Коњарник, Зелено Брдо и Мали Мокри Луг слободата можеби не умее да пее, но во срцето ја пречистува тагата.

 

Во животот многу често го споменував стихот на Милан Младеновиќ „во секој пораз јас видов дел од слободата“, толку често што, не еднаш, се прашав себе: зошто ми е мене толкава слобда, толку видувања со неа?

Вистинскиот пораз, притоа, подразбира дека сме сами, значи лично одговорни за него. Да, тоа значи дека на сопствена одговорност и со сопствената одговорност, да се избориме за тој дел од слобдата, тешката слобода, произлезена од нашата немоќ, од пустата наша природа која нема да можеме никогаш да ја измениме.

Кога ќе се најдам во состојба на пораз кој ми дава увид во дел од слободата, но уште повеќе во целата главоболка и јадот кој ми ги носи таа слобода – засолниште не можам да најдам ниту помеѓу луѓето, ниту во зборовите, па дури ни во пешачењето. Сè што сакам ми станува бесмислено и далечно.

Со текот на времето кај мене се искристализира еден рецепт, или „рецепт“ – сè е под наводници кога човек ќе здогледа уште еден дел од слободата – а тој е баш необичен, и не знам колкумина од вас ќе се идентификуваат со него: одам некаде, но не далеку од дома, туку километар-два, најмногу три, ќе пронајдам некое кафеанче каде никој не ме познава (или се надевам дека не ме познава, или ќе се излажам себеси дека не ме познава), и тогаш таму ќе испијам пиво.

Едно од таквите места е кафеанчето „Кај двете липи“, кое се наоѓа на тромеѓата   помеѓу Коњарник, Зелено Брдо и Мали Мокри Луг , на Булеварот (секогаш е подобро да се каже „на Булеварот“ отколку „кај Булеварот“, верувајте), неколку стотини метри погоре од трамвајското свртувалиште на врвот на Востаничка. Кaфеаната „Кај двете липи“ не треба да се меша со угостителскиот објект „Две липи“, исто така булеварски.

Во ладните денови ова кафеанче потсетува на едно слично место во Владичин Хан каде што седев одамна, на почетокот на деведесеттите. Меѓутоа, кога е топло, „Кај двете липи“ може да се седне надвор, на дофат на булеварскиот коловоз (овде има само две ленти, по една во секоја насока), и да се – гледа.

Ги гледате луѓето кои патуваат за Калуѓерица, Лештане, Болеч, Винча, Ритопек, Гроцка и понатаму, кон Смедерево. И оние кои оттаму итаат кон белградското јадро.

Гледате огромна стамбена зграда преку патот; во приземјето има банки или банка, не можам сега да се сетам дали е една или се повеќе; банката или банките ја подигнаа зградата, ги продадоа становите, па сега живеат од кредитите на задолжените.

Гледате жени кои никогаш не се свртуваат да погледнат кој седи во таа тесна бавчичка, и паметни се што не се свртуваат, па што има и да видат.

Ако се загледате во далечината лево, можете да ја замислите Јерина како во времето на изградбата на Смедеревската тврдина наредува од селаните да се земаат јајца, бидејќи без белки, веројатно, нема трајни ѕидини.

Ако е самрак – а јас таму сакам да седам во самрак – па ако погледнете десно, ќе ги видите зајдисонцето над источната капија на Белград, вистински мини-град во три облакодери кои и денес го носат официјалното име „Рудо“, додека јас веќе долго го нарекувам „Роботи“, бидејќи така мојот постар син, кога имаше четири-пет години, ги нарече овие импозантни градби изградени во височината.

Помеѓу самракот на старата држава на исток и самракот на стариот ден на запад, кафеаната „Кај двете липи“ го има Мишо, кој, иако отежнато оди, побрзо и пољубезно го носи пивото од 95 проценти белградски келнери, а посебно од оние доста помладите од него. Мишо е човек со кого ќе поразговарате две-три минути, ќе му кажете сѐ, тој вас ќе ви каже сѐ, а повторно ќе имате впечаток дека, во така извонредно душтво, сте биле и сте останале сами, дека ништо не го наруши самотничкиот епилог на вашето ново видување со слободата, кое ниту сте го посакувале, ниту сте го барале, туку од него нервозно сте стравувале измамени од надежта дека ќе остане таму некаде каде е и подобро сите делчиња од слободата и слободата како целина, да останат засекогаш – доволно далеку од вас.

Горе, каде актуелната престолнина без престол се подава за да го пружи кракот кон некогашната престолнина во која е можно некаков престол да има и денес, горе, значи, на тромеѓата помеѓу Коњарник, Зелено Брдо и Мали Мокри Луг, слободта можеби не умее да пее, но во срцето ја пречистува тагата.

Повеќе за авторот

Есејот „Кај двете липи“ е дел од збирката раскази и есеи „Белград за упатени“ од Владимир Д. Јанковиќ, кои под истиот наслов беа објавени во Подгоричкиот дневник Вјести, во периодот од јуни 2019 до март 2020 година.

Владимир Д. Јанковиќ е српски поет, есеист, раскажувач и книжевен преведувач, роден на 16 октомври 1968 година во Белград.

Автор е на над 800 песни, есеи и кратки раскази објавени во печатените медиуми и на интернет.

Има објавено пет збирки поезија („Песни“, „Дрскост“, „Одбрана на Данајците“, „Даг“ и „Света Јелена“) и збирка раскази и есеи („Белград за упатени“).

Има преведено над 300 книжевни дела од англиски и француски на српски јазик, од кои повеќе од 120 романи, помеѓу кои и дела на Мишел Уелбек, Фредерик Бегбеде, Амели Нотомб, Леила Слимани, Џ. Р. Р. Толкин, Т. Корагесан Бојл, Ијан Макјуан, Хилари Мантел, Ен Енрајт, Жан-Мишел Генасија, Ерик Фоторино…

Добитник е на најреномираните награди за книжевен превод кои се доделуваат во Србија: „Бранко Јелиќ“ и „Милош Н. Ѓурић“, као и Наградата на градот Белград „Деспот Стефан Лазаревиќ“ за областа на  књижевноста и преводното творештво.

Од јануари 2018 година е потпретседател на Друштвото на книжевни преведувачи на Србија.

Живее и работи во Белград.