Пишува: Владимир Д. Јанковиќ
Најтешко беше тоа пакување на црната ролка.
Прво ја рашири на креветот, па ја сврте, па повторно ја рашири, па ги диплеше ракавите.
Па повторно, божем, ја протресе, ја рашири.
Убава црна ролка.
Потоа повторно онака ја сврте, па ги свитка ракавите, па целата ја превитка, внимавајќи да биде што подобро спакувана.
А никогаш не умееше облеката добро да ја здипли; со кратки ракави некако и успеваше, со долги – тешко. Дури и таа, џангризало, престана да го прекорува.
Додека ја пакуваше, протресуваше, ширеше, диплеше, тресеше, ширеше, ја гледаше ролката – го задржуваше треперењето во слепоочниците, некој притисок на веѓите и тогаш, да, некој бран кој удри од средината на градите, не одоздола, од дијафрагмата или од желудникот, туку право од средината на градите; затоа што од таа ролка, додека стоеше над неа, не само еднаш, излегоа нејзините дланки, онакви какви што беа некогаш, а не вакви уморни, и горниот дел од вратот, и лицето, секогаш нашминкано (па таа ни отпадот не би излегла да го фрли, а да не се нашминка, а не до киоскот ненашминкана да оди), костенливата коса до раменици, па тие, сепак, несфатливи, чудесни очи кои со години и со децении мораа, мораа, мораа сите да ги коментираат, и женско и машко, и старо и младо, и селско и градско – но и оној аристократски кокетен, соучеснички поглед и насмевката која ја чуваше само за него.
Превод од српски: Татјана Маженковска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.