I
Наскоро ќе втонеме во темнините ладни.
Збогум наши кратки лета што бргу се топат!
Слушам како паѓаат по дворовите задни
цепеници, како некој гроб блиску да копа.
Целата зима во мене ќе навлезе сега:
бес, омраза, ужас, труд напорен и јалов,
и, како сонцето што низ поларен круг бега,
моето срце ќе биде парче на мраз алов.
Цепеници паѓаат и јас со трепет слушам;
губилиште со потежок удар не се кове.
Мојот дух е сличен на кула што ја рушат
со тешката глава на опсадниот овен.
Замислувам, во вревата еднолична внесен,
дека коваат сандак, во близина, тука.
За кого? Вчера лето беше, денес – есен!
Тој таен шум како на заминување чука.
II
Го сакам сјајот зелен на твоите очи
и благоста нивна, но сè горчливо е денес,
и ни љубовта твоја, ни домашниот почин
не вредат, колку сонцето над море, за мене.
А сепак, сакај ме, нежна, биди мајка блага,
дури за неблагодарник, за пакосник еден,
љубовнице или сестро, биди за миг лага
за славната есен или за залезот беден.
Напразен е трудот. Гробот чека; тој е лаком!
Дај да го вкусам, со тага по летото врело,
жолтиот и благ зрак на есенската млакост
и на колена твои да падне мое чело!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.