На обострано задоволство, имавме чест повторно да поразговараме со нашиот навистина млад и плоден автор на трилери и мистерии. Александар Николовски своите читатели овојпат ги изненади со сосема нешто ново и поразлично. За првпат тој ни претставува свое книжевно дуо, една приказна поделена во два дела. Како протече муабетот и какви интересни одговори ни даде овој талентиран автор, прочитајте во ова наше најново интервју.
Дефинитивно ако некој знае да изненади, тоа си ти. По „Оперирани од злоба”, сега имаме нешто ново што досега не сме имале можност да го видиме од тебе. Како се одлучи на овој чекор да напишеш и одеднаш да издадеш дуо од две книги?
– Ви благодарам однапред и за овој разговор, баш ми е драго што имаме нов повод за дискусија. Можеби ќе звучи како клише, ама ова со дуото излезе крајно непланирано. Како што се ближев кон крајот на „Психопат на квадрат”, сфатив дека оваа приказна едноставно заслужува да има свое продолжение, а и одамна сакав да имам наслов како „Тарантулата” или некој друг вид на пајак. Навикнати сме читателите да чекаат со месеци па и години за втор дел од книгите за кои со сигурност се знае дека ќе имаат продолжение, па не сакав да ги оставам на половина што се вели. А и сметам дека впечатокот би бил подобар ако приказната се прочита како целина. Затоа одлучив ова да го направам одеднаш.
Пред да ни кажеш повеќе за новото дуо, ме интересира како си задоволен од приемот на „Оперирани од злоба” кај читателската публика и воопшто на твоите поскорешни книги?
– Што да кажам освен дека сум презадоволен! Споменав и во некое од претходните интервјуа дека однапред не очекувам ништо за потоа да не бидам разочаран, но на моја огромна радост повеќето од книгите, па и оние најпрвите, котираат многу солидно кај читателите. Тоа што некој ги чита моите дела и по повеќе од 6 години од издавањето, ми потврдува една од клучните работи што е мошне важна кога творите – дека книгите успеале да го поминат тестот на времето.
И двата наслови од дуото навистина делуваат многу интересно. Што нè очекува во „Психопат на квадрат” и во „Тарантулата”?
– Овојпат одлучив да се испробам во психодрама со доза на мистерија. Самиот тек на дејството некако ми го одредуваше и жанрот. Освен тоа, и во двата дела обработувам навистина ретко застапени теми кои нормално нема да ви ги откријам. Појдов од некоја почетна точка дека повеќе не е интересно да си обичен психопат, затоа што реално психопати има многу, па оттаму некако дојдов до првичниот наслов. Треба да прочитате и да откриете на кој начин овој психопат е пооригинален од другите психопати и од каде доаѓа она „на квадрат”.
Дефинитивно, само ќе кажам дека во ова дуо мислам дека го имам најкомплексно изградениот лик од сите мои книги досега и навистина е тип на психопат каков што досега не сте виделе. Тарантулата пак, како животинче кое реално не е опасно по живот, но и покрај тоа многумина се плашат од неа, е она како зачин кој му дава посебен шмек на дуото. Интересно беше да се истражува за овој вид пајаци и за останатите теми кои ги разработувам. Наидов на многу интересни информации од кои дел се споменати и во книгите.
Што се однесува на самото дејство, не би открил ништо повеќе. Би оставил читателите да ги прочитаат двата дела и да дадат свое видување. На крајот мислам дека малку ќе им се превртува во желудникот, ама добро, ќе си кажат самите. Само запрашајте се зошто некој постојано би се огледувал во искршено огледало кое навидум носи седум години несреќа? И зошто на ѕидот би закачил часовник кој воопшто не работи? Ова се само дел од мистериите кои ќе ги разрешите при читањето.
Привлечно, нема што! Само уште еднаш ако можеме да појасниме за читателите, книгите се поврзани, така? На пример „Тарантулата” не би можела да се чита пред првиот дел „Психопат на квадрат”?
– Токму така! Поради директната врска во дејството, задолжително е да се чита прво „Психопат на квадрат”, па потоа „Тарантулата”. Дури и бројчано поглавјата во втората книга продолжуваат со нумерација последователно во однос на последното поглавје од првиот дел. Ова го имам наведено и како предупредување во самите книги, па верувам дека нема да има никаква забуна кај читателите.
Во „Оперирани од злоба” интересно беше што бормашина е едно од оружјата кои се користат. Дали и овде имаме нешто специфично од тој тип?
– Овде специфичноста е од малку друг аспект, не толку во поглед на оружјата. Целото дуо како целина мислам дека е несекојдневно особено за нашата домашна книжевна сцена. Најважно за мене е да не се повторувам со ниту едно од претходните дела и секогаш на читателите да им понудам нешто ново и оригинално, иако искрен да бидам на толку напишани и прочитани книги тоа веќе станува сè потешко и потешко.
Стигна до дури дванаесет дела што е навистина реткост за млад домашен автор и тоа за кус период. Колку е тешко да се балансира времето со редовното творење, приватниот живот и другите обврски со оглед на тоа дека кај нас скоро никој не живее само од пишување книги?
– Да, така е. Дванаесет величенствени си ги нарекувам сега и навистина сум горд на нив, па дури и да доживеаја многу помал успех. Што се однесува до балансот, навистина е тешко ама упорно тврдам дека кога се сака и ако се сака, ќе се најде време за сè. Само треба добра организација и дисциплина. Оправдувањата од типот не можам, немам кога и слично, се само изговори.
Да направиме мал осврт на твојата активност во книжевните групи. Сметаш дека домашните автори кои се поактивни таму доживуваат поголем успех?
– Во книжевните групи речиси без пауза сум активен околу 7 години, дури и пред читателите да знаат за моите книги. Е сега, секогаш има исклучоци, ама да. Почестата активност и интеракција со читателите е од помош, не верувам дека било како одмага. Условно кажано, поинаку е кога читателите ве следаат и реагираат на вашата активност особено ако таа е разнолика и интересна, со еден збор навикнати се на вас. Затоа, кога имате нова книга, тоа веројатно и го доживуваат некако на поблизок начин за разлика од авторите кои едноставно никаде ги нема. Дел од нив објавуваат само кога имаат ново дело, па нормално, приемот на таа новост кај членовите на групите умее да е послаб. Ова досега се покажало и во пракса, дека влијае на бараноста и на читаноста на книгата. На некој начин активноста на авторот во групите е и своевиден (директен или индиректен) маркетинг за него.
Дали читателите наскоро можат да очекуваат попусти на твоите книги?
– Апсолутно, како и секогаш, традиционално ќе има попуст за Black Friday и пред Нова година. Е сега, попустите ќе варираат од книга до книга, но секогаш гледам цените да се прилагодени за секој да може да си дозволи да се поднови со нова книга.
Александар, уште еднаш од срце благодарност за издвоеното време и ти пожелуваме уште поголеми успеси. И понатаму остануваме будно да го следиме твоето творештво со сета наша поддршка, а сите оние кои се заинтересирани за твоите книги, своите библиотеки можат да ги дополнат преку нарачка на твојот профил.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.