Skip to content

Интервју со Ана Атанасковиќ, српска писателка, новинарка и копирајтерка

Ана Атансковиќ е српска писателка, новинарка и копирајтерка. Родена е во Крушевац во 1973 година. Дипломирала англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Белград каде живее од 1992 година. Пишувала за списанијата: ELLE, VipTripDiplomatic, Vodič za život, Sensa, Lepota&Zdravlje, а била и соработничка на различни портали како CitajMe, InSerbia, Esquire и Beograduzivo. Пишувала и за Ilustrovanu politiku и сајтовите Infoprevodi и Kaldrma.

Во 2022 година ја добила наградата „ Подвижник на мирот “ која за допринес на културата и српската и свестката книжевност ја доделува Здружението „Време и мое право“. Наградата е доделена за романот „Мојата љубов Никола Тесла“, како и за целокупното досегашно творештво на авторката, со акцент на романот „Дует на душите“.

Крајбрежје имаше чест и задоволство да поразговара со Ана и да ѝ постави неколку интересни прашања на кои сакавме да чуеме одговор. Прочитајте ги во продолжение.

Ана, добре ни дојдовте во Крајбрежје. Ќе започнеме со романот со кој ѝ се претставивте на македонската читателска публика. Вашиот роман „Мојата љубов Никола Тесла: приказна за Кетрин Мекмехон Џонсон“, во издание на издавачката куќа „Икона“ од Скопје, во превод на македонски на Жаклина Ивановска, пред македонската читателска публика беше претставен во 2022 година. 
Во романот, низ дневничките записи на Кетрин Мекмехон Џонсон, сопруга на Роберт Џонсон кој бил добар пријател на Никола Тесла,  читателот станува сведок на една длабока платонска љубов, грижлива и на моменти опсесивна, која трае сè до смртта на Кетрин.
Кога се зборува за Никола Тесла, секогаш во преден план е неговиот генијален ум и неговите изуми. Од каде идејата да пишувате за Кетрин Мекмехон Џонсон? Дали навистина постоеше Кетрин и дали имавте можност малку поблиску да се запознаете со нејзиниот живот, или сè што е напишано во романот е плод на Вашата фантазија?

Ана Атанасковиќ:

Идејата за Кетрин Џонсон и Тесла ме следеше од детството, прво несвесно, а потоа, на почеток на зрелото доба, свесно. Всушност, мојот татко го купуваше научното списание „Галаксија“, а еден од специјалните броеви беше посветен на Тесла. Во него, првпат, беше објавено дека во животот на Тесла постоеле жени-пријателки, а фотографијата на Кетрин Џонсон ми остана во сеќавање како најубава и најетерична. Романот започнав да го пишувам кога сакав да ја потврдам тезата дека таа најмногу го љубела Тесла. Кетрин постоеше, нејзиниот сопруг беше познат уредник и поет, па до информациите за неа доаѓав по посредни патишта. Романот се базира на факти, а јас ги додадов емоциите и соништата.

Авторка сте и на романите: „Дует на душите“ кое нè враќа во времето на владеењето на последниот Обреновиќ и  убиството на кралот Александар и кралицата Драга, „Кралица на јоргованите“, романсирана биографија на Елена Анжујска, сопругата на Урош I Неманиќ, и „Даворјанка Пауновиќ: љубов, страст, власт“, роман за големата Титова љубов. Во секој од вашите романи пишувате за луѓе и настани, важни во српската историја, при тоа откривајќи ја интимната страна на главните протагонисти, нивните емоции, стравови, желби, размислувања.
Колкава одговорност кон историјата и историските факти чувствувавте додека ги пишувавте романите? Како се одвиваше процесот на нивното создавање и колкав дел од тој процес беше истражувачки? Додека ги градевте профилите на ликовите, дали успевавте целосно да им се препуштите на интуицијата и на фантазијата, дали напишаното е целосна фикција, или историските записи Ви беа некаква ограничувачка рамка?

Ана Атанасковиќ:

Одговорноста е голема, барем јас ја имам, но немам ништо против некој писател од историските ликови да направи сосема нови ликови. Еднаш ми беше кажано дака сум имала премногу одговорност, станува збор за романот за Елена Анжујска, но не се каам, бидејќи таа е прогласена за светица и јас бев тука да ги следам нејзините чувства, но не да ја менувам нејзината светост. Да кажеме дека прилично се држам до информациите кои ќе ги најдам, но себе си давам слобода да мечтаам во емоциите  и во внатрешните превирања. На некој начин влегувам како глумица во ликот и дури ми се случуваат работи во личниот живот кои се потребни за тој лик. Често сакам да кажам дека влегувам во поле на информации за таа личност кое ме води со знакови, но не изоставам ниту еден историски факт.

Родена сте во Крушевац, а во Белград живеете од 1992 година. Насловите на Вашите две збирки раскази се „Белградски мајски раскази“ и „Белград е љубов“.  Водевте и поткаст со истиот наслов: „Белград е љубов“. Што е тоа со што Белград толку Ве плени? Зошто е Белград љубов? Дали и после толку години живеење во Белград, градот го гледате со истиот восхит, или можеби во меѓувреме нештата се променија?

Ана Атанасковиќ:

Белград е најголемиот и најважниот град во регионот, кој му пружа многу на оној кој бара искуства. Мене ми даде сè,  се создадов некако во него, поточно, ја надградив својата млада и кревка личност од детството. Во него можев да го остварам она што го сакав отсекогаш – да создавам книжевност. Тој има и недостатоци, но сепак, освојува со своите можности. Би сакала да биде уште подобар, особено не ми се допаѓаат промените кои во него сега се случуваат (сечењето на дрвјата, рушењето на старите згради), но секогаш ќе имам почит кон градот во кој можев да ја остварам својата храброст да бидам она што сум. Тој е, на крајот, и тема на моите есеи. Во моментов ги пишувам за Културниот додаток на „Политика“.

Вие сте многу продуктивна авторка, целосно посветена на пишаниот збор. Покрај објавените книги, водите Ваш блог, пишувате новинарски статии за реномирани списанија и портали, а во Вашата биографија стои и дека се занимавате со пишување на креативни промотивни текстови. На прв поглед многу различни ангажмани кои бараат поинаков пристап на пишување од пишувањето роман. Но дали е тоа баш така, или можеби  во вашиот пристап има и нешто заедничко?

Ана Атанасковиќ:

Заедничко е што секогаш настојувам во текстот да пренесам искуство, емоција, момент и вистина.

Што следно можеме да очекуваме од Вас? Дали работите на нов роман и дали продолжувате да го негувате вашиот препознатлив стил: пишување со стил?

Ана Атанасковиќ:

Се надевам дека она што го завршувам во моментов ќе го здогледа светлото на денот, а тоа е уште еден историски роман. Се надевам дека луѓето ќе го препознаат мојот стил во кој инсистирам читателите да доживеат катарза и да ги памтат емоциите и кога ќе завршат со читањето на книгата.

Колку сте запознаени со македонската литература, дали знаете некои македонски автори и кое е вашето мислење за нив?

Ана Атанасковиќ:

За жал, не сум.

Дали сметате дека пишаниот збор може да го промени светот или барем некој негов аспект?

Ана Атанасковиќ:

Мислам дека може, особено новинарскиот.

Кој е вашиот омилен автор/ка, од кои автори сакате да црпите инспирација?

Ана Атанасковиќ:

Завршив англиски јазик и книжевност, па многу од книгите кои ми прираснаа за срце припаѓаат на англосаксонската книжевност. На пример, тоа е романот „Том Џонс“ од Хенри Филдинг, но не би можела да кажам дека постои дело кое го проучував за време на студирањето, а да не ми се допадна.

Кога е во прашање инспирацијата, веќе 5-6 години се трудам да се потпрам само на себе, токму од причина да не би личела на било кого, па помалку и ги читам другите автори.

Кој е вашиот лајтмотив или мисла на којшто сакате да се навраќате често?

Ана Атанасковиќ:

Било која мисла од „Новиот завет“, односно, целата книга.

Која е вашата порака што би им ја упатиле до читателите на Крајбрежје?

Ана Атанасковиќ:

Работете го она што го сакате, па макар на почеток тоа да биде и како хоби. Животот кој не се труди барем да ги исполни сите свои потенцијали дадени од Бога, своите таленти, не е среќен живот. Најдете ја својата дејност, мисија, која и да е. Макар и „најобична“ и занимавајте се со неа. Човекот не може да биде сè, ниту е тоа потребно, но може да го достигне врвот во она што е негов талент.

Ана, Ви благодариме што бевте наша гостинка и за времето кое го одвоивте за овој разговор.

Ви посакуваме уште многу години креативно творење и искрено се надеваме дека наскоро ќе Ве читаме со нов наслов на македонски јазик.

Напишете коментар