Skip to content

Ристо Ѓ. Јачев – поет што го негува и афирмира дијалектното поетско творештво

Ристо Ѓ. Јачев (15 мај 1942 – 27 февруари 2019, Долно Родиво, Воденско, Егејска Македонија) е македонски поет, романописец, театарски критичар, артист, новинар, уредник, критичар и преведувач.

Ристо Ѓ. Јачев е роден во егејскиот дел на Македонија. Со илјадници македонски деца бегалци и прогонети од родните огништа проживува драматично детство и младост во емиграција.

На Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје дипломира книжевност. Најнапред едно време работи како артист и средношколски наставник, а потоа преминува во тогашно Радио Скопје (денес Македонско радио) каде што работи како новинар и уредник до крајот на својот работен век.

Како исклучително плоден писател Ристо Ѓ. Јачев е повеќе од четириесет години живо присутен во современата македонска книжевност со поетски, прозни и драмски остварувања.

Освен на македонскиот литературен стандардизиран јазик, пишува песни и на својот родокраен воденски дијалект, со што, заедно со поетите Санде Стојчевски (кој пишува и на кумановскиот) и Лилјана Чаловска (која пишуваше и на струшкиот дијалект) се вбројува меѓу неколкуте ретки современи македонски писатели што го негуваат и што го афирмираат дијалектното поетско творештво.

Неговата поезија е претставена во низа антологиски иэбори од современата македонска книжевност. Преведуван е на повеќе светски јазици. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во Скопје по 1967 година. Живееше и создаваше во Скопје.

Прочитајте четири песни од овој македонски поет кои нема да ве остават рамнодушни.

Над гупарската скрка

Ќе изградиме манастир во шума клета

убава како птица.

Низ него нека шета мрак

или месечината што ко светулка лета

наплакано. О, ќе изградиме манастир пак!

Ќе изградиме манастир сред жито, сред сребро,

работ ќе му го извеземе со игла од ребро,

со свилен конец краевите, со ѕвездена трага

убавата Република на вековно едро.

О, ќе изградиме манастир од чисто небо

за сивата птица што таинствено врти

како дребна сипаница на моминско чело,

над Гупарската скрка каде змиски глог ’рти.

Ќе изградиме манастир! Голем како свеста наша.

Чеден манастир на вакавските места!

 

Нарциса

На Чедо Јакимовски, на кого не успеав гробот да му го пронајдам во кратовските гробишта.

                                                            13.1.1995 г.

И оваа зима ја минеме во слави со многу песни, со бочви црни вина.

И овој јануари со паднати главите чекаме немо на масата сина.

Те чекаме како некогаш да дојдеш овде кај што цвете

од восочно ткиво се ниша ко пламенче мило

и живо во винска чаша да говориш ко дете.

Чекаме да ни кажеш за ноќта дива,

за белото гробје под густата пена,

за гладта на студот што зад нас се крена

кога денот од мракот погрозен бива.

Чекаме да ни кажеш дал’ сè ќе мине

со веков што го брише нашето име?

 

Сè ќе умре во моето време

Болно изгорело небо и семе,

мене грозно ме населува есен,

сал прикраја негде сонцето дреме

ко распаран бивол в коридор тесен.

Исчезна живот. Се губи гласот тих.

Збор ми готви погреб.

В црните врати

раскошна смрт заседнала

дур’ в стих одамна тука ништо не се злати.

Денес едно не знам.

Над она дрво дал’ облак ќе виси ко тешка жена,

дал’ човек ќе пее тажно под врвон

каде како мома крајот мој свенал

ил’ сè ќе умре со моето време

ко гробјата наши в пределов темен?!

 

Зборовите ми готват погреб

Зборовите што ги истурив тука

каде каменот како молња блеска,

зборовите ми готват погреб тука

до овој ковчег под оваа фреска.

 

Но, не знам зошто ми слепее видот,

и не знам зошто гледам во ѕидот

и бледам ко што ѕвездите в ноќ бледат

кога мртви очи немо ме следат.

 

Зборовите ми готват погреб тука

каде ѕвонат нечии стапки леки

под крилјата на ангелот златен

Каде ко прат се вијат мојте плеќи.

 

Сега знам лута змија ќе ме касне

Крај ковчегов бел ко свеќа ќе згаснам.

Напишете коментар