Од високиот стогодишен костен
падна и последниот пожолтен лист
испечен од летните сончеви зраци,
нагризан од студените есенски утра.
Остана стариот костен сосема сам
во големиот жолто-зелен тревник
да ја чека студената снежна зима
со остри заби како запци од пила.
Силен е тој костен со широка крошна,
со високо,мазно,вретенесто стебло,
силен е тој,навикнат на суша и студ,
осамен и горд сведок на минатото.
Во него вековни тајни се збрани,
вечерни седенки и детски игри,
љубовни пораки,веселби и песни,
многу паднати лисја,многу желби.
Сега тој е осамен,гол и тажен,
нестрпливо ја чека раната пролет
да го облече своето ново руво
и пак да биде тој силен, зелен цар.