Skip to content

Другарство – Силвана Панева

  • by

Повеќе од три години не се беше вратила во родната земја, и кога конечно од Германија се врати дома, доживеа низа непријатности. Најпрво, неподносливата жештина на која изгледа се одвикнала, згора на тоа и децата на соседите по цел ден врескаат од базенот. Таа куќа беше најстара во маалото, а сега нејзината куќа е мизерна во споредба со нивната.

– Беа обични вошкари, и сега одеднаш гледам невидени луксузи. Дури и на жените им купиле скапи автомобили, а децата воопшто не ги воспитале: врескат, се смеат на цел глас и постојано зборуваат. Па и возрасните постојано се смеат и радуваат. Да се чуди човек! Од каде ли толку пари спечалиле? – си зборуваше во себе.

Таа во Германија за три години не проговори толку зборови, колку соседите за тие три дена. Вредно работеше, не отиде да се забавува во странство и пак не успеа да заштеди како останатите луѓе. Од убавиот автомобил сосетката ја  подаде главата, љубезно и посака добредојде, потоа се извини за галамата на децата и ја покани кога и да посака да се разлади во базенот .

Не знаеше дали навистина го мисли тоа што го зборува жената, одамна освен за работа за ништо друго не разговараше, па прилично резервирано кажа дека ги има испланирано сите денови… само ако ѝ остане слободно време ќе ги посети. Се двоумеше дали со такси да оди во посета на другарката од детството или пеш. Одлучи да не се расфрла со пари, иако сонцето печеше ли печеше..

По патот виде луѓе кои со години ги немаше видено, сите се интересираа: кога дошла, колку ќе остане и дали и кога ќе се врати во странство. За да ги избегне љубопитните луѓе, се сети на сокаците од детството и скришно како крадец стигна до саканата цел. Таа всушност дојде во татковината да се види со другарката од детството.

Пред една година и кусур, на другарката ѝ позајми поголема сума пари, таа вети дека најмногу до јуни оваа година, ќе ѝ ги врати преку трансакциска сметка. Почека еден месец, а парите никаде ги немаше. Згора на тоа, не можеше да ја добие ниту на телефон или на било која друга мрежа. Кога стигна до куќата, се обиде да се смири, се напи вода и заѕвони на ѕвончето.

– Има цело маало да ѝ го соберам ако одбие да ме прими. Ќе види таа со кој си има работа! Зарем парите мене на дрво ми никнуваат – мрмореше тивко.

На вратата се појави синот на другарката. Тој видно се израдува што ја гледа, па сосема спонтано ја прегрна. Не ги познаваше доволно нејзините деца за да покажуват толкави изливи на нежност, па остро му рече да ја викне мајка му.

– Ти веројатно не си слушнала за смртта на мајка ми, но на долгот не сме заборавиле. Последните зборови на мајка ми беа веднаш по нејзината смрт, да се оддолжиме. Ние со сестра ми овие денови зедовме кредит.

Младиот човек влезе внатре, а таа стоеше како статуа пред вратата. Потта ѝ се исуши на фустанот и почувствува силен студ. Се тресеше кога синот на другарката се појави на вратата, а солзите не можеше да ги сопре. Па оној кој требаше да биде утешен ја тешеше неа:

– Благодарение на луѓето како тебе јас сè уште верувам во човештвото. Кога сите ни ги затворија вратите ти широко ни ги отвори. Ни помогна многу, но ракот веќе бил во напредна фаза. Сепак ти благодарам од наше име и од име на починатата мајка.

Додека ѝ го подаваше пликот со пари, можеше да му каже да ги задржи парите. На него и неговата сестра, пари многу повеќе ќе им бидат потребни. Таа секако е сама на светот, не ѝ остана никој свој, но човекот во неа сè уште спиеше и чекаше да биде разбуден.

Напишете коментар